Димитар Ковачевски на Саемот за вино и туризам во Белград/Фото. МИА

Ковачевски: Отворен Балкан покажува што значи практична примена на политика на отворени врати и добрососедство

Отворен Балкан денеска покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство. Денеска тука ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари и пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии и пристапи за работа, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на отворањето на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан” во Белград.

Ковачевски, на отворањето на саемот заедно со премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, порача дека тука се вкрстуваат винските патишта на Балканот, со тоа што на едно место се пресретнуваат производителите, откупувачите и дестилариите од регионот.

–  Македонското вино е со светски познат квалитет. Северна Македонија според последните рангирања е втор најголем извозник на вино во регионот, а 29 најголем извозник на вино во светот. Трета година по ред извозот на вино од нашата држава е во пораст, и во количини и по вредност, изјави Ковачевски.

Македонските винарии минатата година бележат зголемување од 19 проценти на извозот во споредба со 2020 година, а нивниот број е зголемен на 139, со просечно годишни производство од околу 100 милиони литри.

Овој саем, нагласи Ковачевски, е можност да воспоставиме и нова динамика во регионалните односи и да обезбедиме економски просперитет за нашите граѓани и компании.

–  За првпат на еден меѓународен саем за храна, вино и туризам, со поддршка на својата држава од Северна Македонија присуствуваат претставници на 43 винарии и три дестилерии кои ќе се претставата со повеќе од 300 различни вина и ракии, а ќе присуствуваат и над десет производители на храна, изјави Ковачевски.

Вакво саем и толкав број на излагачи, нагласи Ковачевски е можен само ако го правиме заедно и денеска сите тие имаат рамноправна шанса да ги претстават своите производи пред стотици илјади присутни и да остварат пласмани, пазари и контакти со присутните компании.

–  За сите присутни компании ова значи отворање на нови шанси за деловни контакти на меѓународно ниво, отворени можности за нови пласмани и приливи на нови средства преку развој и проширување на производството и нови инвестиции, изјави Ковачевски.

Македонските производители на храна, вино и туристичките капацитети, посочи Ковачевски на присутните посетители на Саемот, под мотото „Вкуси го животот” им порачуваат да вкусат македонско вино, македонска храна и македонска авантура.

Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан”, се одржува во рамките на Самитот Отворен Балкан во следните четири дена во Белград, под покровителство на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија.

На Саемот учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Северна Македонија ќе ја претстави својата традиција, обичаи, карактеристичната кујна, музика и фолклор, како и обележјата и вредностите на сите други заедници кои живеат во земјата.

Под слоганот „Вкуси го животот”, нашата земја ќе се претстави пред сѐ со 42 винарии и три дестилерии кои пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии.

Во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан”, ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан” 2022 година. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители како и отворање на нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија. На Саемот ќе се претстават и повеќе од десет производители на храна од земјава кои ќе се презентираат автентичните вкусови на македонската кујна.

Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград, ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.

Како дел од промотивните активности на македонските производи, вината, храната и националните богатства интересни за туристите, претседателот на Владата Димитар Ковачевски ќе биде домаќин на „Македонската вечер”, каде ќе присуствуваат претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Северна Македонија.

Во рамки на активностите во Белград ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот