Ковачевски: Ние сме НАТО, трасираме пат кон ЕУ

НАТО е штит на единственото нешто без што ништо друго не е возможно, а тоа е мирот. На тертата годишнина од нашето членство Алијансата можам само да порачам дека е незаменливо чувството дека не сме сами, туку сме во семејството на демократски народи и држави кои функционираат по принципот „еден за сите и сите за еден“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешниот НАТО појадок со амбасадорите на земјите членки на почетокот на Деновите на НАТО во Северна Македонија.
Во обраќањето Ковачевски кажа дека во услови кога светот, во 21-от век се соочи со целосно неразумна и недозволива агресија на Руската Федерација врз една суверена и независна држава – Украина – светлото е вперено кон НАТО.

– Пристапот во НАТО е излез од неизвесност и влез во сигурност, па затоа е клучно да продолжи политиката на отворени врати на НАТО кон државите од европскиот континент коишто имаат вакви аспирации. На Република Северна Македонија добро ѝ е познато што значи да се живее во таква загриженост – да се биде во воено опкружување, додека пламтеше во околните држави за време на поранешна Југославија – да се бара начин да се сочува домашниот мир, идентитет, црква и јазик. И го сочувавме, со тоа што сите заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други, застанавме зад определбата да го одбраниме мирот, рече Ковачевски.

Според него, НАТО е заедништво и единствениот начин да се спаси мирот во светот со обединување околу потребата да го вратиме мирот во Украина.

– Ако во светот има мир – можеме сѐ. Ако нема мир – не можеме. Во актуелниот геополитички контекст и земајки ја предвид регионалната стабилност, којашто денес е веројатно на највисоко ниво од кога било, но со предизвици како и во самата Европа – добро е што Република Северна Македонија е членка на НАТО. И сме држава којашто прави пробив во европските интеграции, со новиот исчекор што е добро и очекувано да се случи. Со членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија, со концептот за еднакво општество дома, со храбрите, но и државнички одлуки со коишто ги заштитивме идентитетските одредници и националниот идентитет, со функционалните политики на дијалог и разбирање, Република Северна Македонија денес е фактор на стабилноста на Западен Балкан, додаде премиерот.

Тој говореше и за армискиот полигон „Криволак“ како место за развој на интероперабилноста и од страна на сојузниците во НАТО, но и за растот на буџетот за одбраната, почитување на вредностите на земјите членки на НАТО – демократијата, слободата, владеењето на правото, почитувањето на јавната дебата…
Трасираме пат за сегашните и следните генерации.

– Членството во НАТО се покажа како вистинска одлука во вистински момент. Ги осигуравме безбедноста и перспективите како успешен, стратешки, патриотски чекор во вистинско време и денешното време е најдобра потврда за тоа. На истиот брод сме сите и мора солидарно и обединето да дејствуваме во одбраната и унапредувањето на мирот и просперитетот во светот. Ние сме НАТО!, порача Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот