
Ковачевски: Државата мора посериозно да размисли за увозот на работна сила
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе се разговара со сите чинители за нови, поголеми квоти за увоз на работна сила од други земји, бидејќи од коморите веќе подолго време сигнализираат дека имаат недостиг од работници во сите производствени гранки
Покрај членството во ЕУ, како општество треба да почнеме посериозно да размислуваме и за увоз на работна сила од други држави, порача премиерот Димитар Ковачевски. Според него одливот на младото работоспособно население е проблем што ги мачи сите земји од Западен Балкан. Ковачевски додаде дека веќе долг период велиме дека во земјава никој не треба да дојде да работи и тоа е широко распространето во државава. Од друга страна, не ни пречи кога ќе видиме дека во Германија или во Франција доаѓаат и работат луѓе што не се таму родени.
Препорачано
– На темава ќе разговараме со сите чинители, со бизнисот, со Министерството за труд и социјала, со стопанските комори да се зголемат квотите за увоз на работници во земјава. Од Коморите веќе подолго време сигнализираат дека имаат недостиг од работна сила во одредени производствени гранки и дека е потребно да се зголемат квотите за зголемување на производството – соопшти Ковачевски.
Македонија годишно во просек издава по околу 5.000 работни визи за странци, неофицијално бројката на странски работници е далеку поголема, стои во анализата на Порталб.мк. Домашните бизнисмени особено од секторите градежништво, преработувачка и текстилна индустрија, угостителство, предупредуваат дека недостасуваат работници и дека состојбата е алармантна. Од друга страна, на крајот од август во земјава имало 104.729 невработени.
Претходно и вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека во изминатиот период ги сослушал и ги прифатил аргументите на фирмите, кои имаат големи проблеми поради недостиг на работна сила. Како што рече вицепремиерот, на земјава во моментов ѝ недостасуваат околу 10.000 работници.
Премиерот е дециден дека има начин да се задржат младите во земјава, а тоа е зачленувањето во ЕУ.
Според него, одливот на младото работоспособно население е проблем што ги мачи сите земји од Западен Балкан, а младите сакаат да живеат во ЕУ, дел во САД и мал дел во Австралија.
– Без да се залажуваме себеси, мора јасно и гласно да кажеме дека најдобриот начин да ги задржиме младите е да станеме дел од ЕУ. Вие сте свесни дека кога бевме дел од еден поширок сојуз, односно на бившата Југославија, имавме далеку поголем стандард од Бугарија, Полска, Чешка, Романија, Словачка и Унгарија и не можеше да се замисли некој наш работник да оди таму да работи. Да, одеа во Германија, но не и во источните земји. Кога се случило наши граѓани да одат да работат во Хрватска? Никогаш. А, зошто сега одат да работат таму, затоа што станаа дел од ЕУ. А со тоа, бројот на фирмите во Хрватска се зголемија за 33 проценти, добија 28 проценти поголем прилив на СДИ, имаат 80 до 90 отсто поголем БДП, двојно-тројно зголемени плати, а тоа го заслужуваат и нашите граѓани. Решението е земјава да стане членка на ЕУ – објасни Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на настан во Прилеп, кој е најдобриот начин да ги задржиме младите луѓе во земјава.
Освен членството во ЕУ, Ковачевски, зборуваше и за политиките на зголемена поддршка на домашните инвестиции како една од можностите за отворање нови работни места.
– До 2015-2016 година постоеше само нетранспарентна поддршка на странските инвестиции, а откако почнавме со поддршка и на домашните инвестиции, само годинава имаме зголемување на бројот на вработени за 7.000 вработени. Бројот на невработените е намален од 26 на 13,1 отсто, вработеноста е зголемена за речиси 10 отсто, а догодина според буџетските мерки се очекувам намалување на невработеноста за уште два отсто. Многу скоро ќе дојдеме до едноцифрена бројка невработени – потсети премиерот.