Ковачев: Јавно ќе се објават сите од Северна Македонија кои добиле бугарско државјанство во последните 22 години

Пратениците во бугарското Народно собрание во прво читање со 180 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан, ги изгласаа измените во Законот за бугарско државјанство со кои, освен измена на условите за добивање државјанство, јавно ќе биде објавен регистарот на сите лица кои имаат бугарски пасош.

Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, во објава на Фејсбук веднаш ја поздрави оваа одлука на бугарските парламентарци, нагласувајќи дека неговата повеќе од 10-годишна битка наскоро ќе стане реалност.

– Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена и јавна. Регистарот на сите кои добиле бугарско државјанство станува јавен.
Со последната измена јавно ќе бидат објавени сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и изјава за бугарска самосвест. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои има и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, претседатели на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од говорот на омраза и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Оние, пак, кои се ‘принудени’ да се претворат во јавни бугаромразичи само за да го сокријат своето бугарско потекло и самосвест повеќе нема да имаат причина да го прават тоа – пишува Ковачев.

Тој, како што додава, очекува по второто читање измените на законот брзо да бидат усвоени.

Со предлог-законот на лидерот на „Преродба“ Костадин Костадинов и група народни претставници се предлага да се воведе услов за неосудуваност на кандидатот за бугарско државјанство не само во Република Бугарија, туку и во земјата на потекло, односно во земјата на живеење. Се предлага да се скрати рокот за поднесување документи за ослободување од друго државјанство, како и да се стандардизираат условите за стекнување бугарско државјанство при склучување брак со бугарски државјанин, со воведување на услов за тригодишен период на вонбрачна заедница, но доколку има докази дека бракот е фиктивен треба да се одземе бугарското државјанство.

Исто така, предвидено е да се отфрли условот дека роднина со бугарско потекло починал како бугарски државјанин при поднесување барање за бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло.

Познавањето на бугарскиот јазик се воведува како задолжителен услов за сите случаи на натурализација и се наведува можноста за добивање бугарско државјанство во случај на интерес во Република Бугарија или кога лицето има посебни заслуги за тоа.

Бугарија ги менува условите за добивање бугарско државјанство, бугарскиот јазик е задолжителен како и неосудуваноста на барателите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот