
Костадиновска – Стојчевска: Ако ВМРО-ДПМНЕ е во право ќе ги вратам парите, во спротивно следува тужба
Откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков ја обвини поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска дека на службено патување во Лондон потрошила 714 фунти за приватни потреби, таа реагираше дека дел од трошоците што се презентирани се однесуваат на нужноста да обезбеди основни услови за нормално функционирање на патувањето, откако авиокомпанијата го изгубила багажот.
Препорачано
– И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Останатиот дел е тешка манипулација и целосна невистина – изјави таа, а потоа и објави фотографија од приватната трансакциска сметка за извршени плаќања за време на патувањето.
Лефков на денешната прес-конференција истакна дека таа се правда со изводи од плаќање од ден претходно и вели дека тема на интерес е тоа што поранешната министерка однела во Министерството за да ги оправда потрошените сметки.
– Бисера Антоанета со патниот налог до сметководство во Министерството за култура ги доставила и сметките кои ги покрила со народни пари, од истите може да се види дека со буџетски пари плаќала чорапи, хулахопки, куфери, мечиња. Ова е сметката за купен куфер Samsonite Crossover 9.7 од 59 фунти. Оваа сметка е доставена лично од Бисера Антоанета до сметководството во Министерството за култура, а ова е нејзиниот потпис на истата. Бисера Антоанета куферите ги купила на 26.10.2023, и тоа се гледа од оваа сметка каде како купувач е запишана таа, и на која истата се потпишала кога ја однела во Министерството за култура за да ги правда потрошените пари. Одиме со следна сметка, од 219 фунти и поголемиот куфер Samsonite Upscape spiner, и на оваа сметка се гледа дека Бисера Антоанета е купувачот и на оваа сметка се гледа дека шопингот го правела на 26 октомври 2023. Одиме понатаму, ова е сметката од Gift Galore London, од 89 фунти, од каде Бисера Антоанета си купила плишено мече Paddington bear и фудбалска топка City football – обвинува Лефков.
Костадиновска – Стојчевска смета дека ВМРО-ДПМНЕ нема начин како да ја оцрни и дека не им се допаднал извештајот на ДЗР за нејзиното работење во Министерството.
– Не најдоа никако да ме оцрнат, не им се допадна извештајот од ДЗР за моето работење, не им се допадна што никој не може да го „стигне“ трошењето на Бети, па нејзините две другарки денови поминале на Гугл да наоѓаат места низ светот и да фалсификуваат сметки. Дали ова е страв од тоа што предметот за нивната омилена министерка уште не е затворен, па ги фатило паника кога пред неколку дена добиле барање од ОЈО да ги предадат извештаите од нејзините три службени картички? Дали им е страв дека ќе се види таму вистинскиот шопинг од 30.000 евра во Италија? – додаде таа.
Поранешната министерка најави дека ако се утврди дека ВМРО-ДПМНЕ е во право, ќе ги врати парите, а во спротивно ако овие податоци не се точни, најави тужба против партијата.