Федерално истражно биро (ФБИ) Фото: EPA/MICHAEL REYNOLDS

Косовец обвинет за сајберкриминал екстрадиран во САД

Косовски државјанин е екстрадиран во Соединетите Американски Држави, каде што е обвинет за киберкриминал против американски државјани, соопшти Министерството за правда на САД.

Лиридон Машурица, 33, од Гњилане, познат како „@blackdb“ се соочува со обвиненија за заговор за измама и злонамерна употреба на 15 или повеќе неовластени електронски инструменти.

Доколку биде осуден, Машурица може да се соочи со максимална казна од 55 години затвор.

Машурица беше уапсен од косовските власти на 12 декември 2024 година, а беше екстрадиран во САД на 9 мај, во согласност со договорот за екстрадиција меѓу двете земји, објави Министерството за правда на САД.

Вршителот на должноста министер за правда на Косово, Аљбуљена Хаџиу, изјави дека екстрадицијата на Машурица „е конкретен доказ за непоколебливата посветеност на владеењето на правото без исклучок и без компромис“.

Според неа, „оваа акција е голем чекор напред во градењето доверба во правдата и зајакнувањето на меѓународната соработка со Соединетите Американски Држави“.

„Ова е само еден резултат од чекорите што ги преземаме за да докажеме дека Косово е место каде што криминалот не наоѓа засолниште“, рече таа.

Екстрадицијата беше поздравена и од Амбасадата на САД во Приштина, која ја пофали „одличната соработка и координација меѓу САД и Косово“.

Екстрадицијата на Мазурица во САД првично ја објави американскиот обвинител, Грегори В. Кехо.

Обвинетиот наводно првпат се појавил во федералниот суд во Тампа, Флорида, на 12 мај, пред судијката Линдзи Сакс Грифин, која наредила да биде задржан во притвор.

Според обвинението, Машурица бил главен администратор на BlackDB.cc – онлајн црн пазар кој функционира од 2018 година до денес.

BlackDB.cc, според Министерството за правда на САД, нелегално нудело на продажба украдени податоци за сметки и сервери, информации за кредитни картички и други информации за идентификација на лица кои живеат во Соединетите Американски Држави.

„Откако ги купија, сајбер-криминалците ги користеа предметите купени на BlackDB.cc за да извршат низа нелегални активности, вклучувајќи даночни измами, измами со кредитни картички и кражба на идентитети.“

Истрагата за Машурица ја спроведе Федералното истражно биро на САД (ФБИ), во соработка со Дирекцијата за истраги на киберкриминал во рамките на косовската полиција, соопштија американските власти, кои рекоа дека Специјалното обвинителство на Косово и косовската полиција обезбедиле значителна помош во апсењето на осомничениот.

Пред неколку недели, двајца Косовци беа екстрадирани во САД, каде што се обвинети за измама и кражба на идентитет на Американци.

Станува збор за двајца млади мажи – Ардит Кутлешин (26) и Јетмир Кутлешин (28) – кои беа уапсени на 12 декември минатата година, врз основа на барање за екстрадиција од САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот