Зграда Карпош/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Конзерваторски центар контра Јакимовски: Воена болница има статус на привремено заштитено добро, иако не е донесен посебен акт

Општината Карпош ја води постапката за издавање одобрение за градење според важечкиот ДУП од 2013 година, разработен со Урбанистички проект, во кој Воената болница е културно наследство и е утврдена обврска да се обезбеди конзерваторско мислење од НУ Конзерваторски центар, објаснуваат од Конзерваторски центар.

Општина Карпош не доставила жалба на решението со кое градскиот Конзерваторски центар го поништи претходно издаденото позитивно конзерваторско мислење, кое е неопходен документ за издавање одобрение за градба за 17-катницата во Карпош. Сега дозволата за градба практично е нецелосна, но изградбата на објектот непречено продолжува и, како што во моментов стојат работите, никој нема да ја запре, ниту пак Општината ќе ја поништи дозволата за градба како што се очекуваше.

Продолжувањето на градбата на објектот не е во надлежност на НУ Конзерваторски центар – Скопје. Општина Карпош и инвеститорите се известени уште на 22.2.2024 година дека е донесено решение за поништување на конзерваторското мислење и доставена им е копија од него. На решението не е добиена жалба. Понатамошните постапки на Општина Карпош не зависат од НУ Конзерваторски центар – објаснуваат од Националната установа.

Не само што изградбата си продолжува туку и градоначалникот Стевчо Јакимовски наместо одговор на прашањето зошто не е поднесена жалба и што ќе преземе Општината сега кога решението е правосилно, на последната седница на Советот од говорницата кратко соопшти дека добил допис од, како што рече, Управата за конзерваторски работи (?) дека за објектот Воена болница нема акт со кој тој објект е ставен под заштита на државата.

карпош зграда/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Во обид да добиеме одговор дали Воена болница е заштитен споменик или не и која е институцијата која му пратила ваков допис на Јакимовски, се обративме до Министерството за култура, до Управата за заштита на културно наследство, како и до Конзерваторски центар, од каде што единствено се огласија со прецизно објаснување.

 Дописот што го споменал градоначалникот не е добиен од НУ Конзерваторски центар – Скопје туку најверојатно од Управата за заштита на културното наследство. Не е никаква новост дека за Споменикот – Воена болница во Скопје, не е донесен посебен акт за заштита. Меѓутоа, доброто има статус на привремено заштитено добро врз основа на член 38 од Законот за заштита на културното наследство („Сл. весник на РМ“ бр. 20/04, 115/07, 18/11, 148/11, 23/13, 137/13, 164/13, 38/14, 44/14, 199/14, 104/15, 154/15, 192/15, 39/16, 11/18 и 20/19), како добро во подрачје на опфат на урбанистички план предвидено за заштита во согласност со заштитно-конзерваторски основи – велат од Конзерваторски центар.

Оттаму додаваат дека Споменик Воена болница во Скопје е предвиден за заштита според две заштитно-конзерваторски основи. Првите се заштитно-конзерваторски основи за културно наследство за подрачјето на опфат на Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022, кои се заверени и за кои Управата за заштита на културното наследство има донесено решение за одобрување на основите, број УП 17-753 од 13.09.2012 година. Планот е донесен на крајот на 2012 година.

Споменикот Воена болница е заштитен и според заштитно-конзерваторски основи за културно наследство, за подрачјето на ДУП за Градска четврт З 05 со опфат помеѓу булеварите Илинден, 8 Септември, Партизански одреди и улицата Љубљанска во Општина Карпош, кои се заверени и за кои Управата за заштита на културното наследство има донесено решение за одобрување на основите, број УП 17-813 од 24.09.2013 година. Планот е донесен во 2013 година.

По два месеца „борба“ околу конзерваторското мислење: Надлежните без одговор дали Воена болница е заштитен споменик или не

Во таа смисла, Конзерваторско мислење за градби во контактна зона на добра не се издава само ако за доброто е донесен посебен акт, туку и ако има статус на привремено заштитено добро. Општина Карпош ја води постапката за издавање одобрение за градење според важечкиот ДУП од 2013 година, разработен со Урбанистички проект, во кој Воената болница е културно наследство и е утврдена обврска да се обезбеди конзерваторско мислење од НУ Конзерваторски центар – објаснуваат од Конзерваторски центар.

Ова значи дека иако не постои посебен акт на заштита, за дозволата за градба е неопходно конзерваторско мислење, кое во моментов инвеститорот што ја гради висококатницата не го поседува. И покрај тоа Општина Карпош не реагира, а инвеститорот веќе активно работи на изградбата.

Во меѓувреме, и покрај тоа што спорната изградба веќе подолго време е тема во јавноста и во медиумите, изненадува фактот дека за случајот не се огласува инспекцијата, пред сѐ Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, чии инспектори се најповикани да излезат на терен и да утврдат што се случува на градилиштето и дали и понатаму може да се гради без позитивно мислење на конзерваторите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот