
Контролорка од синдикатот во М-НАВ морала преку врата да наслушува додека директорите бирале нови вработени
Директорите на Македонска навигација (М-НАВ) не ја пуштиле контролорката на летање, делегирана од Синдикатот на контролори на летање, да присуствува ни при интервјуата со кандидатите на повторениот оглас за вработувања на места за кои Синдикатот вели дека се непотребни, а имаат почетни плати од над 1.000 евра, пишува „СДК.мк“.
Препорачано
На контролорката од Синдикатот ѝ кажале дека ако сака, може само да наслушува пред вратата на канцеларијата каде двајца од тројцата директори разговарале со кандидатите и ексклузивно бирале кој ќе биде вработен.
Ова го потврдил и самиот директор на М-НАВ Владимир Ристески.
„Почитувана, денес 6 август се правеа интервјуа со кандидатите апликанти за огласите. Истото се правеше и во понеделникот. Никој никого не филтрира позади затворени врати. На синдикатите им е објаснето дека може да присуствуваат во просторијата пред канцеларијата каде се одвиваат интервјуата, со цел да видат дека процесот се одвива согласно записникот од комисијата. Не е дозволено присуство во просторијата каде се прават интервјуата затоа што кандидатите при интервјуто може да изнесат лични информации. Кон сите кандидати имаме исти стандарди и принципи при интервјуирање“, вели Ристески за „СДК“.
Во првиот наврат на овој оглас, за кој Синдикатот обвинува дека е специјално распишан за да се „вдомуваат“ партиски кадри во контролата на летање, по интервјуирањето зад затворени врати и без задолжителното присуство на претставник од Синдикатот, беа примени: потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, сопругот на директорката на Централниот регистар, исто така од ВМРО-ДПМНЕ, сопруга на осуден за организираниот напад на Собранието на 27 април и други.
Неофицијалните информации беа дека бидејќи другите кандидати ја немале потребната документација, односно не исполнувале услови, на 16 јули беше реобјавен дел од огласот од 9 јули, само за тие места кои за малку ќе им ги зеле други кандидати без партиски врски. Еден од кандидатите бил одбиен оти не знаел англиски јазик. Реобјавениот оглас на кој повторно немаше контролори на летање за да видат дали навистина избраните кандидати се тие најдобрите, или се со партиски врски, е за три места (две со средно и едно место „советник“, со високо образование), пишува порталот.
Синдикатот најавува дека и ова кршење на Колективниот договор ќе го пријават во Трудовата инспекција и ќе бараат огласот да се поништи.
„Прво со електронска пошта директорите побараа од Синдикатот претставник, или претставничка кои би присуствувале на интервуата за реобјавениот оглас за трите места што не се пополнија првиот пат со тие што треба. Кога отиде колешката, директорот Фатмир Зимбери ѝ кажал дека нема да може да влезе внатре и да го набљудува процесот. Се јави во Синдикатот, ѝ рековме да не седи пред врата, да си замине“, вели Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролорите на летање.