Фото: архива на Слободен печат

Контролорите на летање целосно го затвораат македонското небо – штрајк за стоп на партиските вработувања

Македонскиот воздушен простор ќе биде целосно затворен за сообраќај на 20 и 24 октомври, поради најавен штрајк на контролорите на летање, објави „24Инфо“, повикувајќи се на извори од синдикатот на Македонска навигација (М-НАВ).

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) повторно ја активира одлуката за штрајк, откако, како што наведуваат, менаџментот на М-НАВ не ги исполнил претходно дадените ветувања. Според нив, состојбата во претпријатието задолжено за безбедноста во авиосообраќајот е загрижувачка, а неопходните кадровски решенија се одложуваат и блокираат.

Од синдикатот велат дека 20 октомври е намерно избран како датум за почеток на штрајкот, поради завршувањето на локалните избори.

„Не сакаме да му дадеме можност на раководството на М-НАВ да го прикаже штрајкот како политички мотивиран“, велат од ССКЛМ.

Контролорите бараат:

– Запирање на партиските вработувања во М-НАВ

– Одобрување од Министерството за финансии за објавување на огласи за нови вработувања – пред сè за контролори на летање и инженери.

– Распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција за изработка на функционална анализа на потребите на претпријатието.

Иако штрајкот првично беше закажан за 10 јули, тогаш беше одложен поради, како што рекоа синдикатите, „одредени позитивни чекори“ од страна на менаџментот. Сепак, поради застој во спроведувањето на ветеното, контролорите повторно застануваат цврсто зад своите ставови.

Доколку не дојде до договор, штрајкот ќе се реализира на секоја прва и четврта недела во неделата – односно секој понеделник и четврток, се додека не се исполнат барањата.

Синдикатот дополнително алармира и за, како што велат оттаму, притисоци од страна на раководството врз вработените за да се спречи нивното учество во синдикалните состаноци и активности.

Целта на синдикалците, како што велат, не е блокирање на системот, туку воспоставување професионален и одржлив начин на функционирање во М-НАВ, каде што ќе се вработува само неопходен стручен кадар, а не по партиска линија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот