
Кон „Стриптиз на душата“ од Филип Георгиевски
Радува фактот што македонската книжевна продукција доживува нагорен пат.
Секој автор внесува нов терк во своето дело, а Филип Георгиевски по издадените шест поетски стихозбирки, се јавува со нов роман, со мошне интересен приод и претставување на личностите. Авторот приоѓа директно, без обиколки, за да го прикаже животот на тројца фамилијарни членови. Семејството е тричлено: мајката Вера, таткото Љубен и синот Атанас. Сите тројца се несреќни и потоа се прикажани Вера како Невера, Љубен како Нељубен, а младиот Атанас е Сатана. И ова не е чудно, зашто Невера бара од синот да не пројави ни трошка љубов кон некоја девојка, зашто не може да најде поголема љубов од таа на мајка му. Атанас глуми привидно воздржаност, а гневот го урнисува неговиот ден: „Ти Веро, најверна мајко моја, нема да умреш од некоја друга, туку лично од раката на Атанас ќе умреш. Не знам кога, не знам зошто“. Веќе сега читателот знае зошто авторот како мото го цитира Зигмунд Фројд, уште пред првиот дел: „Мистеријата на човековата душа лежи во менталните драми од детството. Стигнете до дното на тие драми и ќе се излекувате.“
Препорачано
Во втората глава од романот се јавува младата Снежана, која минала пет години во Париз и се враќа дома. Таа случајно на клупа седи со непозната жена и постепено открива дека жената има син Жак во Париз, кој бил нејзин љубовник од престојот во Париз. Меѓу нив се развива привлечност. И оваа глава започнува со Салвадор Дали: „Вистински уметник не е оној што е инспириран, туку оној што ги инспирира другите“. Во неа Снежана се навраќа на цртежите од детството, за да заврши како извонреден иконописец.
Авторот очевидно ги поврзува реалноста, големите мисли на странски автори и сопствената мисловност. Третата глава му припаѓа на мислата на Хераклит: „И животот и смртта, и будноста и сонот, и младоста и староста, остануваат во нас како едно, единствено, затоа што првото, менувајќи се, станува второ, а кога она другото ќе се промени, останува прво“. Измачениот Атанас бега, тргнува и влегува во светот на непознатото. Случајно на станица среќава многу убава девојка, се вљубува во неа и ја бара. Во меѓувреме се случуваат несакани настани, во кои доживува едногодишен затвор. И без престан пишува:
„Се кине душата.
Обездушува телото.
Градите без срце,
очите без светлина.
Се рушат ѕидовите,
се спуштила темнината.
Од ткивата гаврани гризат,
од крвта се насладуваат.
Боли. До лудило заболува.
Каде е спасот.
Помешани се вистината и измамата,
вресокот и песната.
Господ и сатаната,
песната и зборовите…“
Епилогот ја открива Снежана како ја црта последната икона на Света Богородица, веќе во бремена состојба од Атанаса. Заклучокот го враќа семејството во реалноста, за што дава можности единствено Бог.
Во однос на овој роман се приклучувам кон рецензентот Александар Прокопиев, мој екс студент и асистент, кој го истакнува и мојот избран цитат од делото: „Спротивноста го раздвижува постоењето. Ако не постои спротивност, ништо, ама баш ништо нема да се случува. Нема да постои искра за огнот, пламен за огништето и запалка за хартијата. Нема да опстои ни идејата за спротивставување, зашто таа произлегува од стравот да му опонираш на тоа што не ти се допаѓа и не се вклопува во твојата идеологија врежана во кодот на опстојување и дејствување. Тоа значи да се одбере меѓу „она што се нарекува распнат за доброто и погубен во името на злото што постојано се повторува без оглед на идентитетите што ги нарекуваме луѓе. Идентитетот е лозинката за влез…“.
Радува фактот што македонската книжевна продукција доживува нагорен пат.
(Авторката е професорка во пензија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“