Извршител - табла / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Компаниите тонат во долгови, извршителите ни со прст не ги допираат државните и општинските сметки

Стопанската комора со години бара промена на членот 218 од Законот за извршување, кој оневозможува да се спроведе извршување за наплата од државата, општините и јавните претпријатија

Асфалтираат улици, местат бекатон плочки, ги поправаат детските игралишта, го одржуваат уличното осветление и ги чистат и менуваат филтрите на фонтаните… Компаниите се радуваат кога ќе добијат некаков тендер од државата или од општините, ама потоа не можат да си го наплатат сработеното, оти извршителите ни со прст не ги допираат нивните сметки. Повеќе од 15 години трае „битката“ на Стопанската комора на Македонија да се интервенира во Законот за извршување, за да можат компаниите да ги наплатат побарувањата од Република Македонија, државните органи, јавните претпријатија и од општините.

Од СКСМ во повеќе наврати реагираа дека преширокото толкување дозволува Законот нееднакво да важи за јавниот и за приватниот сектор. Претседателот на Комората Бранко Азески во една од неговите колумни наброи неколку „годишнини од нивни иницијативи“ за промена на одредени закони, меѓу кои и на Законот за извршување.

Во првиот став од членот 218 од Законот за извршување стои дека „Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи“. Вториот став, пак, од членот 218 дообјаснува „кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе ги определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба“.

Членот 218 всушност овозможува судот да стави забрана за повлекување на средствата на должникот под образложение дека се „неопходни“, со што се спречува нивно префрлување на доверителот, односно подмирување на долгот – велат правници за „Слободен печат“.

А, со ваквото лимитирање, компаниите се практично оневозможени да ги наплатат своите побарувања и покрај извршна судска пресуда за тоа. Актуелно, компаниите, се должни да ги намируваат сите свои долгови, а од друга, иако имаат законска можност, не можат да си ги наплатат побарувањата од институциите. И ако некогаш сите се тепаа да работат со државата, сега компаниите неволно се нафаќаат да сработат нешто за нив, бидејќи не се сигурни, кога ќе ги добијат парите. Некои поранешни истражувања покажаа дека долговите на државата кон приватни фирми стасаа над 600 милиони евра.
Од СКСМ велат дека треба да се воведе ефикасен механизам за наплата на побарувањата што ги има приватниот од јавниот сектор. Бизнисмените велат дека клучен проблем е раздолжувањето на државата кон компаниите, а ликвидноста на стопанството се смета за еден од најголемите ризици.

– Навремената и целосна наплата на побарувањата од јавниот сектор ќе му овозможат на приватниот сектор олеснето и ефикасно планирање на готовинскиот тек, управување со сопствената ликвидност и планирање на инвестициската активност. Неопходно е долгорочно одржливо решение затоа што станува збор за проблем што е сериозна пречка за развојот на приватниот сектор, бидејќи му ја влошува неговата ликвидност и му ја зголемува неизвесноста во работењето – истакнуваат од СКСМ.

И според анализата на Сојузот на стопански комори, мора да се најде лек за долгот на државата на приватните компании по основ на неплатени фактури на јавните претпријатија или државни институции.

– Не само што не може да си ги наплатат средствата, туку влегуваат во голема дупка со оглед на тоа што го плаќаат данокот на државата иако немаат наплатено фактури, а потоа државата во неможност да ги собере сите средства, повторно бара спас од стопанството каде што врши дополнителен притисок што сега се наоѓа во поголема криза – оценија од ССК.

Во меѓувреме, државните институции, јавните претпријатија и општините заклучно со јуни 2025 година имаат достасани а неплатени обврски од дури 690,8 милиони евра, или околу 4,2 проценти од бруто-домашниот производ, алармираше Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“. Најголеми долгови се забележуваат кај јавните претпријатија во сопственост на државата, тие имаат достасани долгови за околу 366 милиони евра, или учествуваат со 53 отсто во вкупните обврски на јавниот сектор. Потоа се локалните претпријатија основани од општините кои должат околу 110 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот