Андоновски - Димитровска - Јанев / Фотоколаж: „Слободен печат“

Комисија за прием на пријави – Сомнежи за незаконско унапредување во АНБ на братот на министерот и магистрирањето на Јанев

Повеќепати оспоруваната Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), чија претседателка Татјана Димитровска е осомничена за одавање службена тајна, доби уште две пријави со сомнежи за незаконско унапредување и непотизам. Едната е за Игор Андоновски, брат на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и син на Љупчо Андоновски, советникот за национална безбедност на премиерот Христијан Мицкоски и поранешен директор на УБК.

Втората е поради сомнежи за незаконско издавање диплома за магистер на Александар Јанев што, според пријавителот, значи дека и неговото именување на функцијата директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) е незаконско. Со оглед на тоа што Антикорупциска веќе го истражува министерот Андоновски, ова е уште пријава повеќе против семејството Андоновски.

Двете пријави беа испратени во понеделникот по електронска пошта до медиумите, и иако на прв поглед се чинеше дека се испратени од политичката партија „Левица“, оттаму во разговор за „Слободен печат“ негираа дека тие ги испратиле пријавите. Но овие пријави, од засега непознат дојавувач стигнале до Државната комисија за спречување на корупцијата и иако обезглавена, со осомничена претседателка, Комисијата отворија предмети и ќе истражува.

-Ве известуваме дека на 11.05.2025 година, по електронска пошта, до ДКСК доставени се двете пријави за кои прашувате. Наведените пријави се заведени од страна на ДКСК и по истите се оформени предмети во рамките на законските надлежности на ДКСК – велат од Комисијата за „Слободен печат“.

Љупчо Андоновски е татко на Стефан Андоновски, актуелен министер за дигитална трансформација, но и на Игор Андоновски, новиот началник на Агенцијата за национална безбедност за Град Скопје. Таму, неофицијално, бил унапреден во декември, од началник на единицата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) – Гази Баба, каде што бил поставен во август.

Татко на министер и поранешен директор на УБК кој го именуваше Заев ќе го советуваат Мицкоски

Сомнеж за непотизам и незаконско унапредување на Игор Андоновски

Едната пријава во ДКСК е за сомнеж за непотизам и незаконско унапредување на Игор Андоновски, кој според наводите во пријавата, за само пет месеци двапати е унапреден на повисоко работно место, прво во август 2024 година во началник на единицата на АНБ Гази Баба, а во декември е унапреден во началник на канцеларијата на АНБ за Град Скопје. Законот за АНБ, во членот 113, изречно предвидува дека треба да помине најмалку една година од неговото последно унапредување.

– Игор Андоновски е незаконски унапреден во друго работно место началник на канцеларија на АНБ за Град Скопје со основна плата од 1.300 бода, спротивно на член 113 став 1 алинеја 5 од законот за Агенција за национална безбедност  се нагласува во пријавата.Игор Андоновски е незаконски унапреден во повисок платен ранг спротивно на членот 109, кој ги пропишува условите за унапредување во повисок платен ранг од Законот за АНБ, а во врска со членот 111 од истиот закон каде што се пропишува дека исполнувањето на условите за унапредување во повисок платен ранг се проверува еднаш годишно, и тоа на 1 јуни за сите работници во Агенцијата, а во врска со член 116 од истиот закон каде што се пропишува дека работата на работниците на Агенцијата задолжително се оценува еднаш годишно најдоцна до 1 декември за тековната година“, конкретно се објаснува што е незаконско во пријавата.

Освен сомнежите за незаконско унапредување, во пријавата се спори и тоа што Андоновски, како што тврди пријавувачот, нема поминато полиграфско тестирање за проверка на професионалниот интегритет, што според Законот за АНБ од член 67, е задолжителен услов за засновање и задржување работен однос.

ДКСК ќе истражува како татко му на Андоновски станал советник на Мицкоски, а брат му – началник во АНБ

На 14 февруари годинава, АНБ, на чие чело е директорот Бојан Христовски (за кого се води предмет во Обвинителството за сомнеж за лажен сертификат за англиски јазик), соопшти дека почнува со примена на полиграфско тестирање.

Самата Агенција соопшти дека законската обврска за примена на полиграфско тестирање е предвидена со основањето на Агенцијата во 2019 година, но поради „нејзино неспроведување во претходните пет години, негативните реакции и критиките од стручната јавност не изостануваат“.

Произлегува дека Андоновски лани бил унапреден без полиграфско тестирање, но и дека сите што се вработени во АНБ не го поминале „тестот на вистината“, иако тоа е еден од условите за засновање работен однос.

„Слободен печат“ се обрати за наводите од пријавата до АНБ, но оттаму велат дека информации треба да бараме од ДКСК и уште еднаш потврдија дека полиграфското тестирање се спроведува од февруари.

– За постапување по пријавите што се предмет на интерес во Вашето барање, надлежен субјект за постапување е ДКСК. Според наведеното, за сите информации во однос на пријавите потребно е да побарате информации од наведената комисија. Полиграфското тестирање во АНБ е ставено во функција од февруари 2025 година и се предвидува да биде спроведено во сите случаи во согласност со Законот за АНБ, велат од АНБ за „Слободен печат“.

Антикорупционерите ниту даваат оставка, ниту ревидираат одлуки

Незаконита и магистерската диплома на Александар Јанев?

Другата пријава е за директорот на БЈБ, Александар Јанев, за сомнеж за незаконитост во издавање диплома за магистер за да го исполни условот за именувањето на функцијата директор на БЈБ. „Слободен печат“ постави прашања од МВР за овие прозивки, но одговор не добивме.

Според пријавата, сомнежите произлегуваат од тоа што во објавената биографија на Јанев нема датум кога стекнал звање магистер, односно кога ги исполнил условите од најмалку 300 кредити според ЕКТС-системот на Универзитетот Скопје, каде што магистрираше и Христовски, но и други владини функционери.

– Александар Јанев на непознат ден и месец во 2024 година се стекнал со звање магистер по менаџмент на човечки ресурси на Факултетот за менаџмент со човечки ресурси, Скопје, VII/2 – 300 на Универзитетот Скопје, видливо од неговата јавна биографија, објавена на веб-страницата на МВР. Со одлука на Владата, на 28.6.2024 Јанев е именуван за директор на БЈБ, за што се потребни законски услови од најмалку 300 кредити според ЕКТС или завршен најмалку VII/2 степен образование во научните подрачја: општествени науки од областа на безбедноста, одбраната, правните и економските науки. На електронската платформа на Универзитет Скопје не се пронајдени резултати за распоред на одбрана на магистерскиот труд, не е пронајден оглас за датум и време на јавна одбрана, не се пронајдени членови на комисија и наслов на магистерскиот труд и не се пронајдени фотографии од јавната одбрана на магистерскиот труд на кандидатот Јанев, што е доволна основа за сомневање дека не е почитувана процедурата за пријавување и одбрана на трудот – пишува во пријавата.

Исто така, се спори и делот дали магистерскиот труд внесен во системот за анализа и пронаоѓање на плагијати во трудови во Министерството за образование.

– Законот за научноистражувачка дејност пропишува најмалку 30 дена пред одбраната на магистерскиот труд, а менторот задолжително да го внесе во системот за анализа и пронаоѓање плагијати во трудови во Министерството за образование и наука заради проверка за плагијаторство, а откако ќе го добие извештајот од проверките, да се закаже датум за одбрана. Според извршените онлајн проверки, софтверот за плагијати во периодот од почетокот на јануари 2024 до 28.6.2024 до датата на именувањето на Јанев, функционирал отежнато, односно до 24.6.2024 година менторот немал добиено извештај од проверките, што е дополнителен основ за сомневање дека има незаконитост во постапката, знаејќи го законскиот услов од најмалку 30 дена пред одбраната со магистерскиот труд што се коси со датумот на именување на јавна функција – пишува во пријавата.

Антикорупционерите ниту даваат оставка, ниту ревидираат одлуки

Антикорупциска веќе има отворено предмет за министерот Андоновски откако беше објавено дека неговиот татко Љупчо Андоновски станал советник на премиерот, а неговиот брат – началник на најголемиот, скопскиот сектор во АНБ.

Комисијата исто така отвори уште еден предмет за министерот Андоновски и за судир на интереси во случајот со тендерите во Министерството откако беше објавено сомнение за корупција во Министерството во врска со две јавни набавки во вредност од 50.000 евра што ги добила фирма што е во сопственост на сопругот на државната секретарка во тоа Министерство. Додека се чека ДКСК да постапи, Игор Андоновски стана член и на Комисијата за безбедност при Фудбалската федерација на Македонија.

Новиот состав на ДКСК од формирањето го следат низа контроверзии. Уште при изборот на членови имаше реакции од невладините организации, кои изразија сомнеж за партизација на новиот состав. Незадоволството од нивната работа кулминираше кога се прогласија за ненадлежни за сертификатот по англиски јазик на директорот на АНБ Бојан Христовски, за кој со месеци Обвинителството води постапка. Иако им стигна одговор за спорното јазично училиште од Бугарија, нема одговор за епилог за оваа постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот