Сашо Мијалков во судница/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Комерцијална банка до Јовески: Не го ослободивме ние Мијалков, туку Судот

„Апелацискиот суд донесе пресуда со која се укина мерката притвор за лицето Сашо Мијалков, а не Комерцијална банка. Доколку Обвинителството, кое е само една од странките во таа постапка, има проблем со пресудата на Апелацискиот суд, тогаш може да преземе активности пред надлежните судски власти, согласно своите законски овластувања, а не да ја замајува јавноста со неточни информации за гаранциите и хипотеките“, се вели во реакцијата на Комерцијална банка, по наводите на јавниот обвинител Љубомир Јовески во интервју за МИА.

Во интервјуто Јовески се осврнува и на случајот со поранешниот директор на УБК, кој пред новогодишните празници беше ослободен од притвор.

„Комерцијална банка не е странка во таа постапка. Второ, по барање на Бест Веј како хипотекарен должник за гаранцијата за Сашо Мијалков, а и по барањата на обвинителството, во два наврати, во мај и во октомври 2021 година, Комерцијална банка само се согласи државата да има прв приоритет над понудениот имот (наместо приоритетот на Комерцијална банка) и Комерцијална банка да стане доверител од втор ред. На товар на тоа што одобри државата да има прв приоритет, Комерцијална банка од хипотекарниот должник побара и доби ново дополнително обезбедување во хартии од вредност (акции) и градежно земјиште“, се наведува во реакцијата на банката.

Јовески, во интервјуто за МИА, меѓу другото вели дека ставот на Обвинителството бил да не се прифати понудената гаранција за поранешниот директор на УБК. Овој став, како што вели, произлегува од неколку причини.

Тој потенцира дека укинувањето на мерката притвор е одлука на судот и затоа во овој момент не може да ја коментира. Појасни дека гаранцијата во основа се полага во пари, во вредности или во други драгоцености кои лесно можат да се впаричат и дека висината на гаранцијата зависи од семејните и имотните состојби и личноста на обвинетиот.

Не мало значење, според државниот јавен обвинител, има и податокот дека за дел на имотот претходно е воспоставена хипотека од Комерцијална банка Скопје.

„Во постапката Комерцијална банка – Скопје даде согласност дека сака да биде доверител од втор ред, додека државата да биде доверител во делот на гаранцијата од прв ред, потоа таа согласност ја повлече и одново даде таква согласност. Со оглед на тоа што за одобрување на кредитите има посебна постапка и интерни упатства и процедури, а Народната банка се грижи за функционирање на банкарскиот систем во земјата, сметам дека Народна банка треба да испита дали со оваа согласност некој излегол вон рамките на своите службени овластувања, или пак се доведени во прашање интересите на другите комитенти на банката“, вели Јовески.

Понатаму, Комерцијална банка ги отфрла наводите на Јовевски дека Народната банка треба да испита дали банката ги надминала службените овластувања.

„Исто така, не се доведени во прашање ниту интересите на другите коминтенти на Банката затоа што на товар на тоа што одобри државата да има прв приоритет, Комерцијална банка од хипотекарниот должник односно фирмата гарант „Бест веј“, побара и доби ново дополнително обезбедување во хартии од вредност (акции) и градежно земјиште, се наведува во соопштението на банката. Оттаму додават дека се убедени дека и контролата, која Државниот јавен обвинител лично ја побара од Народната банка, само ќе ги потврди овие констатации од работењето на Комерцијална банка“, се вели во соопштението.

Префрлањето на одговорноста за одлуката за укинувањето на притворот на осудениот и обвинет поранешен директор на тајната полиција Сашо Мијалков следи откако Апелација по вторпат се согласи да му биде прифатена гаранцијата од 11.000.000 евра дека нема да избега и уредно ќе се појавува на судските рочишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!