
Кои фирми профитираат од пандемијата: 75% од вакцините против ковид-19 се чуваат во нивни шишенца
За само неколку недели, светот очекува да започне најголемата кампања за вакцинација во историјата на човештвото. За милијардите дози вакцини е потребно да се произведат соодветни ампули за пакување како и огромен број фрижидери за нивно складирање.
Препорачано
Со стерилна и високо автоматизирана постапка, германската компанија „Шот“ произведува милиони стаклени апули секој ден. Тие ампули ги купуваат компаниите од фармацевтската индустрија низ целиот свет со цел да се користат за дозирање на вакцината.
„Од сите вакцини против ковид-19 што се прават во светот, а ги има над стотина, 75% од нив се чуваат во апули од компанијата „Шот“. До крајот на следната година очекуваме да произведеме околу две милијарди ампули“, за „Дојче веле“ изјави Кристина Ретинг од компанијата „Шот“.

Имено, апулите се изработени од специјално стакло според претходни препораки од фармацевтската индустрија. Компанијата гарандира дека квалитетот на стаклото е на високо ниво и нема да предизвика непосакувани штети.
„Кога чувате течност во некој сад, постои ризик од хемиска реакција помеѓу внатрешната содржина на садот и течноста. Ако таа течност е лек, тогаш може да ја намали нејзината ефикасност, да доведе до несакани ефекти или да му наштети на здравјето“, вели Ретинг.
Не смее да има нечистотии, а некои препарати се особено чувствителни на топлина и мора да се чуваат на -75 степени Целзиусови, во спротивно вакцината нема да делува.

Затоа во последните неколку недели и побарувачката за замрзнувачи драстично се зголеми, што пак, е од голема корист на германската компанија „Биндер“.
„Ние сме компанија насочена кон извоз, 80% од нашите производи се продаваат надвор од Германија. Ние извезуваме уште од основањето на компанијата, пред 37 години. Отсекогаш сме биле насочени кон извоз, ние сме професионалци и можеме да испорачаме стока на кој било дел од светот“, објаснува Пиер Вимер од оваа компанија.
Еден таков замрзнувач чини до 20.000 евра и може да собере околу 45.000 стаклени шишенца. Од двете компании „Биндер“ и „Шот“ велат дека се подготвени за претстојните вакцини и зголемениот обем на работа, но и на профит.