Кога треморот на рацете е причина за загриженост?

Благото тресење на рацете не е невообичаено, особено во староста. Но сепак, тресењето на рацете, познато и како тремор, може да предизвика непријатност.

Треморот или тресењето на рацете настанува поради непосакувани мускулни контракции кои можат да предизвикаат треперење на делови од телото. Тресењето на рацете е најчест тип на тремор и може да биде предизвикан од разни состојби или фактори.

Д-р Џејсон Синг за „Health Digest“ открива дека тресењето на рацете често не е причина за грижа.
„Есенцијалните тремори се вообичаени и генерално бенигни. Тие спаѓаат во категоријата на нарушувања на движењата кои се карактеризираат со тресење на рацете, но може да бидат вклучени и други делови од телото, како што се главата и гласот“, објасни тој.

Сепак, постојат неколку околности во кои би требало да посетите доктор.

Кога да се побара лекарска поради тресење на рацете?

Ако забележите дека рацете ви се тресат без некоја очигледна причина, секогаш е најдобро да го посетите вашиот лекар што е можно поскоро. Тресењето на рацете може да биде симптом на различни здравствени состојби, од кои некои може да бидат сериозни. Ако чувствувате вкочанетост на мускулите, бавни движења или проблеми со рамнотежата и координацијата, д-р Синг вели дека е императив да побарате лекарска помош.

Многу загрижувачки медицински состојби можат да предизвикаат тремор, како што се мултиплекс склероза, болест на тироидната жлезда, Паркинсонова болест, мозочен удар, електролитен дисбаланс или дури и прекумерно консумирање алкохол.

Освен тоа, треба да го посетите вашиот лекар ако тресењето се влоши или ако значително ги попречува секојдневните активности како што се пишувањето, јадењето или пиењето. Колку побрзо побарате лекарска помош, толку подобро. Сепак, не паничете бидејќи многу безопасни фактори можат да го предизвикаат тресењето на рацете. Идентификувањето и дијагностицирањето на каква било медицинска состојба е првиот чекор кон добивање соодветен третман и подобро чувство.

Вообичаени причини за тресењето на рацете

Постојат неколку вообичаени, но помалку загрижувачки причини за тресењето на рацете. На пример, „Johns Hopkins Medicine“ наведува дека есенцијалниот тремор е најчеста причина за треперење кај возрасните и не е поврзан со никакви основни медицински состојби.

Есенцијалниот тремор обично ги погодува рацете, но може да влијае и врз други делови од телото, како што се главата, гласот и нозете. Обично е полошо кога лицето е под стрес или вознемиреност или кога врши моторичка активност, како што е пишување или истурање чаша вода. Третманот може да вклучува промени во животниот стил, лекови и операции.

Според Клиниката Кливленд, хипогликемијата, кога нивото на шеќер во крвта паѓа премногу ниско, може да предизвика тремор на мускулите. Нискиот шеќер во крвта може да биде предизвикан од дијабетес, прескокнување оброци или прекумерно вежбање. Според Healthline, треморот може да биде несакан ефект на некои лекови, како што се антидепресиви и антипсихотици.

„Други причини вклучуваат анксиозност, која ја активира телесната реакција „борба или бегство“, што може да ослободи мозочни хемикалии и хормони кои предизвикуваат физички симптоми како што е тресење на рацете“, објасни д-р Синг.

Тој додава дека причина може да биде и хроничен замор, бидејќи ја намалува контролата и координацијата на мускулите, што може да доведе до тремор. Кофеинот е уште една честа причина каде што преголема консумација може претерано да го стимулира нервниот систем и да предизвика тремор. Ова важи и за енергетските пијалоци.

Како да го контролирате треморот на рацете

Ако почувствувате тресење на рацете поради една од овие помалку загрижувачки причини, има неколку работи што можете да ги направите за да го намалите треморот.

Една од најважните работи што можете да ги направите е доволно да се одморите. Според Американскиот национален институт за срце, бели дробови и крв (NHLBI), на возрасните им требаат помеѓу седум и девет часа спиење секоја вечер. Размислете да го намалите внесот на кофеин или целосно да го елиминирате.
Исто така, обидете се да јадете редовни оброци во текот на денот за да го одржите нивото на шеќер во крвта стабилно. Ако сметате дека тресењето може да биде предизвикано од некој лек, побарајте помош од вашиот лекар за да земете друг лек или да ја намалите дозата на сегашниот.
А ако сте загрижени за растреперените раце, секогаш е добра идеја да разговарате со доктор, дури и ако мислите дека тоа не е ништо сериозно. Тој може да ги процени вашите симптоми, да ја идентификува основната причина за вашиот тремор и да препорача дополнителни третмани доколку е потребно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот