
Кога нема мажи и жените се фаќаат за сатар
Опашани со престилки, со задолжителната бела капа, насмеани и со сатар в рака, жените месарки сè повеќе се среќаваат во домашните маркети. Редат, сечкаат, мелат, но сепак порачуваат дека ова не е работа за секого, особено не за оние што не поднесуваат крв и нечистотија
Облечени се во бело, ама не се хирурзи. Опашани со престилки, со задолжителната бела капа, насмеани и со сатар во рака, жените месарки сè повеќе се среќаваат во домашните маркети. Сакавме рамноправност – ја добивме, се бришат границите меѓу машко-женските занимања. Редат, сечкаат, мелат, но сепак порачуваат дека ова не е работа за секого, особено не за оние што не поднесуваат крв и нечистотија.
Препорачано
Некои од нив чуваат ситен добиток, но додаваат дека не се занимаваат со колење. Месарките со кои разговараше „Слободен печат“, велат дека македонските граѓани јадат квалитетно месо, но дека во одредени периоди потрошувачката се намалува. Според Анкетата за потребните вештини на пазарот на трудот, спроведена од Агенцијата за вработување, дел од најбараните занимања со средно образование се и месарите.
Со диплома од средното ветеринарно училиште, една од соговорничките на „Слободен печат“, која сигурно сте ја сретнале пазарејќи низ маркетите, вели дека ова не е баш привлечна работа, иако не е лошо платена.
– Случајно станав месарка и останав 10 години. Почнав на деликатесниот сектор и потоа се префрлив во делот каде што се продава свежо месо. Работата е прилично валкана и тешка. Поминав низ сериозна обука за хигиенско ракување со храна, за преработка на месо, за познавање на контрола на квалитет, како и за техничко познавање на алатките и машините. Месарската професија е тешка и за мажите и за жените. Луѓето грешат кога мислат дека сме само продавачи, бидејќи месото треба да се среди и да се нареди. Но, си ја сакам работата. Треба да се има предвид и дека може да биде придружена со здравствени проблеми, бидејќи во текот на работното време често влегуваме во коморите и таа промена на температурата може да има последици – објаснува нашата соговорничка.
Таа е децидна дека иако ракува со остри ножеви и сатари, досега немала сериозна повреда.
Месарките со кои зборувавме велат дека нивната работа не се сведува само на избор и сечење на бараното парче месо, бидејќи ти се одговорни и за набавките.
– Особено пред големите празници, мора да направите добра подготовка, да испланирате колку месо ви е потребно, бидејќи во тој период се зголемува обемот на работа. За да може да им излезете во пресрет на муштериите, мора да го проверите магацинот и да ги направите нарачките навреме. Потоа мора да го обработите испорачаното месо, да го спакувате. За време на продажбата, често доаѓате во контакт со разни купувачи, што значи дека мора да бидете комуникативни и пријателски расположени кон клиентот. Јас си имам редовна клиентела, што значи дека вашето ниво на комуникација, мора да биде на висина – додава нејзината колешка.
И оваа соговорничка на „Слободен печат“ не е месар по вокација, на истото работно место е цели 15 години.
– Сè помалку нè има. Луѓето бегаат од овој занает, но факт е дека денес е многу тешко да се најде месар. Сепак, ова не е само кај нас, исто и во остатокот од Европа. Месарот е на нозе цел ден. Работата е многу опасна поради работата со ножеви, мелница за месо, мелница за месо и други алатки. Технологијата за преработка на месо воопшто не е лесна и едноставна – додава нашата втора соговорничка.
Според статистиката, лани едно македонско семејство купило 16,9 килограми пилешки стек, 12,3 килограми јунешко месо, околу 15 килограми свинско месо и околу 4,2 килограми телешко месо.
Германските супермаркети бараат илјадници работници на месарските пултови
Потребата за овој кадар расте со години во Германија. Супермаркетите се разликуваат од продавниците, токму поради нивните месари и продавници за деликатеси. Дел од нив регрутираат чираци, особено за месари, не само од Германија, туку и од Индија, а некои во недостиг од кадар, се свртуваат кон самопослужување. „Сè потешко ни е да ги пополниме шалтерите“, рече директорот Даниел Хонер. Во продавница во Минхен, шалтерот со месо, сувомеснати производи и сирење е намален од 24 на 7,5 метри, пренесе „б92“.