
Кога нема чувар во трговската џунгла, цените ќе дивеат!
Законот за нефер практики не се донесува директно за потрошувачите, туку го уредува бизнис-синџирот – земјоделци – доверители – трговци. Тоа што прописот се влече со месеци во Собранието, како и фактот дека Комисијата за заштита на конкуренцијата допрва ќе се доекипира и финансиски и кадровски, дополнително не му оди во прилог
Невозможни се брзи резултати од Законот за нефер практики, а на граѓаните не треба да им се ветува дека прекуноќ ќе се спасат од нелогичните поскапувања на храната, предупредуваат експерти за „Слободен печат“. Дотолку повеќе што тој не се донесува директно за потрошувачите, туку го уредува бизнис-синџирот – земјоделци – доверители – трговци, а потрошувачите се само во споредна улога!
Препорачано
За да биде ефективен, ќе треба да се променат и други закони, а тоа што прописот се влече со месеци во Собранието, како и фактот дека Комисијата за заштита на конкуренцијата допрва ќе се доекипира и финансиски и кадровски, дополнително не му оди во прилог. И конечно – станува збор за компликувана процедура, која ќе тргне од сомнеж, ќе се бараат докази, ќе се поведува прекршочна постапка, па ако има сомнеж, ќе се оди на суд, а ова покажува дека ова не е систем „плукни -залепи“, ами долготраен процес.
И доколку КЗК му одреди казна на трговскиот субјект, државата ќе си ги прибере парите, но граѓаните нема да добијат обесштетување ако биле изиграни и платиле поскапа сметка, објаснуваат експертите.
– Дури и утре да се донесе Законот за нефер трговски практики, првите ефекти нема да бидат поскоро од крајот на годината. Целата постапка е задоцнета и има дупки за пополнување. Затоа и инсистиравме да останат мерките за замрзнување на цените на храната, барем додека Законот не го види светлото на денот – велат од Организацијата на потрошувачи.
Патот до прекршочната постапка пред КЗК се поведува по службена должност или по барање на физичко или правно лице кое има легитимен интерес за утврдување на постоење прекршок со заклучок против кој не е дозволена жалба. Барањето за поведување прекршочна постапка, треба да биде поткрепено со докази, кои некогаш може да се и деловна тајна.
Ако подносителот на барањето сака да биде анонимен, тогаш КЗК ја води постапката по службена должност. Со цел на учесниците во постапката да им се даде можност да се изјаснат за фактите и околностите за утврдување на фактичката состојба, Комисијата ќе определи одржување усна расправа. Решенијата на Комисијата за одлучување по прекршок се конечни, но против нив може да се поднесе тужба за поведување управен спор пред надлежен суд.
Законот треба да обезбеди поефикасна контрола и надзор за што ќе биде задолжена Комисијата за заштита на конкуренцијата. Но, сето тоа ќе се случи најрано за шест месеци по неговото усвојување, колку што на КЗК и е оставен рок да се екипира со квалитетен кадар, технолошки и технички средства. И компаниите добија ист период на приспособување. Министерот за економија Крешник Бектеши очекуваше дека законот ќе биде на пленарна седница на 11 или 13 март. Во меѓувреме „протече“ листата со над 2.000 производи што ќе бидат опфатени со законот, од кои 70 до 80 отсто се земјоделски и прехранбени и која ако има потреба ќе биде проширена.
– Законот не решава какови ќе бидат финалните цени во маркетите. Со овој закон, ниту се регулира маржата на трговците ниту се регулира финалната цена. Размислував со кои амандмани можеме да го подобриме текстот на законот и верувајте дека тоа е невозможно. Законот треба целосно да се преработи ако сакаме да постигнеме некаков ефект- објасни Здравко Трајанов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, дискутирајќи на комисиската расправа.
Како Грците се справија со трговските маржи
Соседна Грција ги ограничи трговските маржи, а на грчките потрошувачи им овозможи да купуваат храна по поповолни цени. Според официјалната статистика, инфлацијата во Грција во јануари изнесувала 3,1 отсто, анализира Нова.рс. Властите во оваа земја всушност донесоа посебен закон, со кој се ограничува максималната маржа (заработка) што трговците можат да ја пресметаат, што во практика значи дека цените нема да се формираат по сопствена дискреција.
Според Министерството за развој на оваа земја, продавниците мора да достават ценовници на своите добавувачи, за да може да се контролира маржата што ја собираат. За непочитување на оваа регулатива, Владата на Грција пропиша и казни. Компанијата „Аинос“ која произведува замрзнат зеленчук, пред неколку денови е казнета со 742.000 евра, бидејќи имала неразумно високи цени. Таа најави жалба бидејќи тврди дека при проверката не се земени трошоците за производство и дека извештајот е неточен.
Инаку, еден од производите за кои е ограничена маржата е млекото за бебиња, на кое, супермаркетите можат да заработат најмногу седум проценти. Другата мерка што ја усвои Грција на почетокот на март е добавувачите да мора да ги намалат цените за 30 отсто, што секако доведе до намалување на цените на повеќе од 3.000 производи. Оваа одлука не се однесува на храна, туку на козметика, средства за чистење за домаќинство, лична хигиена и производи за бебиња. Најголемо намалување на цената, пишуваат медиумите, е забележано кај пелените за бебиња, кои сега поевтинуваат за околу 18 отсто.
Во Црна Гора две години има ограничени маржи од 5 до 15 отсто на храната и на средствата за хигиена
Во Црна Гора речиси две години, почнувајќи од мај 2022 година, на сила е владината уредба со која се ограничуваат максималните маржи, па трговците не можат да земат повеќе од пет до 15 отсто за дел од основните прехранбени производи и средства за лична хигиена, пишува Нова.рс.
Во Србија имаше краткорочни акции, како „Подобри цени“ кога цените на 36 различни производи беа ограничени на неколку месеци. Како што објаснува Дејан Гавриловиќ од Здружението на потрошувачи „Ефектива“, иако за потрошувачите би имало смисла ограничувањето на маржите, има причина зошто државата е задоволна од високите цени.
„Колку е повисока цената, толку е поголема основата за ДДВ, а ДДВ наплатува државата“, вели Гавриловиќ. Во практика, секој потрошувач апсолутно за секое нешто што ќе го купи во супермаркет, плаќа 20 проценти ДДВ од износот на фактурата. Пресметката е јасна – ДДВ не е ист за производ од 500 и 300 динари, па поевтините производи ѝ носат помалку пари на државата. Претседателот на Националната организација на потрошувачи Горан Паповиќ, вели дека ваква одлука во Србија, треба да донесе Комисијата за заштита на конкуренцијата, а не Владата, имајќи предвид дека на ова тело му се доверени надлежности.