
Коџабашев обвинува дека Северна Македонија ја крши Европската конвенција за човекови права и ги загрозува правата на Бугарите
Бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев денеска го коментираше потегот на пратениците од власта и опозицијата во Северна Македонија да се изгласа потребата од измени во законите кои предвидуваат одбрана на антифашистичките вредности и оцени дека земјава почнува нова кампања против бугарските организации која, според Европската конвенција за човекови права, ги загрозувала основните права на Бугарите во Македонија.
Препорачано
– Крајно неприфатливо е да се користи наратив, вклучително и законодавни иницијативи, со кои непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот, со цел да се ограничат основните права и да се влошат добрососедските односи. Со збунетост гледаме како Северна Македонија почнува нова кампања против бугарските организации која, според Европската конвенција за човекови права, ги загрозува основните права на Бугарите во таа земја – изјави Коџабашев.
Според него, крајно неприфатливо е да се користи наратив, вклучително и законодавни иницијативи, со кои, како што вели, непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот, со цел да се ограничат основните права и да се влошат добрососедските односи.
– Категорично ги отфрламе обидите за наметнување селективни, еднострани, историски толкувања. Во таа насока, принудени сме да ја потсетиме земјата која е кандидат за членство во Европската Унија дека европската практика, законодавните иницијативи кои го засегаат правото на здружување се водени од желбата да се олесни, а не да се попречи создавањето и функционирањето на граѓански организации и здруженија“, вели Коџабашев.
Тој потсети дека согласно Договорот за добрососедство создадена е посебна Комисија за „надминување на историските противречности“ и нејзините активности „не може да се заменат со ниту една новоформирана структура“, како и дека според одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година Бугарија може да поддржи каков било чекор од европската интеграција на Северна Македонија само под услов да се гарантираат правата на Бугарите во земјава, а последните законски измени во Скопје биле се спротивни на овој услов.