Гордана Димитриеска Кочоска и Фатмир Битиќи во Собранието

Кочоска се закани дека ќе го тужи Битиќи откако тој во Собранието ја праша за повратот на ДДВ

Министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска, која денеска како член на Владата одговараше на пратенички прашања од опозицијата во Собранието, се налути и му се закани со тужба на пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи, откако тој ја праша зошто доцни повратот на ДДВ, според него и по девет месеци, кај „фирми политички неподобни за власта“.

Тој со првото од три прашања упатени кон неа, побара одговор за тоа кога Министерството за финансии ќе обезбеди средства за поврат на ДДВ и на останатите доспеани побарувања на сите компании, без политички „протекции“ и дали конечно ќе се стави крај на оваа практика на доцнење.

„Ликвидноста на компаниите е клучниот мотор, министерке Гордана Кочоска-Димитриеска, што ја движи економијата напред. Ако компаниите не ги добијат навреме средствата што законски им следуваат – ДДВ-то, се случува синџир на негативни последици кои не ги чувствуваат само тие, туку и вработените и нивните семејства. Според информациите што пристигнуваат од разни делови на стопанството, повратот на ДДВ доцни меѓу 6 и 9 месеци, а приоритетот кои фирми ќе добијат во рок, а кои ќе чекаат и ќе се надеваат, односно кој ќе ја добие милоста на Владата, се договара во партиските штабови. Се прават приоритетни листи, според политичка подобност на компаниите“, обвини Битиќи.

На ова остро реагираше министерката, со закана кон Битиќи, повикувајќи го да се осмели и тоа да го каже и надвор од пратеничката говорница која му нуди имунитет за искажаното.

„Викнете ги надвор од говорницава новинарите, кажете го ова истово за приоритетни листи за поврат на ДДВ и партиски штабови и ќе ви поднесам тужба. Ќе ве тужам, ќе се видиме на суд“, рече министерката.

По ова, Битиќи ја потсети Кочоска-Димитриеска дека таа денеска е тука со останатите членови на Владата да одговара на прашања од пратениците, као и дека ни таа нема имунитет.

„Вие немате имунитет, па јас сега размислувам дали за заканите што пред малку ги упативте кон пратеник, да ви поднесам кривична пријава. Па еднаш веќе да се научи која функција што значи“, рече пратеникот, кој и самиот порано имаше владина функција – вицепремиер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот