Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Кочани: ФЗОМ не им дава надоместок на плата за боледување на дел од преживеаните во „Пулс“

Фондот за здравство одбил неколку од преживеаните во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани да им биде исплатен надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и медицинско лекување, затоа што пред пожарот од 16 март, тие немале 6 месеци врзан стаж на работното место што е законски услов за остварување на ова право.

Документите што дел од одбиените ги испратија до редакцијата на „Слободен печат“ потврдуваат дека во подрачната канцеларија на Фондот за здравство во Кочани, месецов дел од преживеаните кои што имаат изгореници на рацете и не можат да ги користат за работа,  а кои биле по 40 дена во странски болници на лекување по катастрофата во „Пулс“, поднеле барање за надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа. Но, барањето од страна на подрачната канцеларија на ФЗОМ во Кочани им е одбиено и покрај тоа што во него имало и извештај од лекар за привремена спреченост за работа.

„Бидејќи во конкретниот случај лицето е вработено во октомври 2024 година а прв ден на спреченост на работа е 16 март 2025 година, значи дека осигуреникот има здравствено осигурување помалку од 6 месеци пред настанување на случајот и затоа барањето се одбива како неосновано“ – пишува во едно од решенијата за одбивање.

Така дел од преживеаните во најголемата катастрофа во поновата македонска историја, моментално зависат од милоста на нивните компании кои им го плаќаат боледувањето, но и живеат во неизвесност до кога таквата исплата ќе продолжи.

Освен ваквите случаи од приватниот сектор, меѓу повредените и преживеаните што немаат право на надоместок на плата додека се на боледување, односно немаат право државата да им го плаќа истото, се и вработени во државниот сектор што имале работен однос пократок од 6 месеци. И тие немаат шест месеци консекутивен стаж на работното место и моментално се „жртви на законот“ и се снаоѓаат.

Ваквото постапување на Фондот за здравство е законско, но поради вонредноста на ситуацијата повредените бараат да се направат промени или исклучоци, да се донесе каков било правен механизам во форма на владина одлука или амандман, за да можат да добијат барем материјална сигурност и да се фокусираат на своето долгорочно лекување и физикална рехабилитација.

„Слободен печат“ преку електронска пошта праша во Владата и во Фондот за здравство дали постои некоја правна можност, било со одлука на влада или со некој друг правен механизам да се реши проблемот со кој се соочуваат дел од повредените и одговори уште очекуваме. Неофицијално и владата и Фондот имаат волја да го решат проблемот, но се бара модусот.

Уште трае евалуацијата на повредените

 

Во најголемата трагедија во поновата македонска историја – пожарот во дискотеката на диво „Пулс“ во Кочани, животот го загубија 62 претежно млади лица а речиси 200 беа повредени. Непосредно по трагедијата најтешките пациенти беа испратени во странство со поддршка на странски болници кои воспоставија соработка со Владата. Рехабилитацијата на повредените по нивното враќање во Македонија се одвива во кочанската болница.

Таму се преврзуваат нивните рани, а со донации во медицинска фирма моментално се изработуваат и компресивни одела кои што имаат заштитен фактор 30 и кои што повредените треба да ги носат на деловите од телата каде што имаат изгореници за да се намали чешањето и да се создадат посоодветни услови за зараснување на раните. Секој треба да има барем две такви одела, а скапи се. Парите за нив се собираат со донации.

Евалуацијата на повредените уште трае. Досега таа е завршена за 140 лица, а откако ќе бидат прегледани сите, ќе се изработи и извештај за тоа како треба да се лекуваат во иднина и како треба да им тече рехабилитацијата. Во болницата во Кочани за поквалитетна здравствена нега болницата склучила договори со пластични хирурзи од Скопје и спровела обука за третирање на овие рани.

Но, раните од „Пулс“ уште печат во душите на кочанчани а свежа е и целокупната колективна траума. Вчера преживеаните преку алармантно писмо побараа подобрување на условите во болницата во Кочани. Во писмото упатија пофалба и благодарност до докторката Катерина Паниќ која не само што била на приправност 24/7 туку и психолошки и човечки позитивно влијаела на повредените. Повредените во пожарот апелираат да се вложат пари и да се донесе кадар во болницата. Во писмото меѓу другото наведоа дека и покрај бројните јавни апели за субстандардните услови во болницата и хроничниот недостиг на медицински персонал, гласот не им е слушнат.

Наместо итно решавање на санитарните проблеми во болницата, ние сè уште ги третираме нашите рани во мијалници од пред 50 години. Ќе имаме ли институционален одговор на тие апели? Дали некој реално се справува со овој проблем? Дали некој ќе го слушне нашиот глас?, прашуваат повредените.

Тие ја поздравија одлуката на докторката Катерина Паниќ да остане во кочанската болница.

-За нас повредените од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“, нејзиното присуство претставува надеж, сигурност и продолжување на битката за целосно заздравување. Искрено им благодариме на „Сапорт Кочани“ за неуморната поддршка и на заменик министерот за здравство за разбирањето и чекорите што ги презема во интерес на повредените. И еден апел до надлежните: На докторката ѝ треба тим! Не може и не смее сама да ја носи целата тежина на толку одговорна и чувствителна работа. Потребна е и поддршка од стручен кадар за да продолжи да им помага на сите пациенти со истата посветеност и квалитет. Ова не е наша битка, ова е битка за достоинствено здравство во Кочани. Да не застанеме тука, да продолжиме заедно!, напиша на Фејсбук Игор Стоименов, повреден во пожарот во „Пулс“.

Истрагата заврши – обезбеден е тефтерот од „газда Деко“

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски информираше дека истрагата за пожарот во „Пулс“ завршила а во неа обезбеден е и тефтерот на сопственикот на нелегалното кабаре Дејан Јованов Деко, во кој биле запишани сите митаџии кај кои тој ги „подмирувал сметките“ за да може да функционира во објектот што не исполнува никакви стандарди. Многумина се вклучиле во „системско слепило“ и при контролата и при издавањето на лиценцата што овозможило кабарето да функционира.

-На таа околност уште првиот ден овој осомничен беше распрашан и даде доста битни и релевантни факти на начин на кој ги обезбедувал лиценците. И тоа ќе се разјасни, но сите тие околности, да почекаме уште 15 дена. Имаме сè што е потребно за утврдување на негова одговорност. За сите лица кои тој ги посочи и за нивните дејствија, ние се водевме по тоа во текот на постапката и се утврдија некои работи за кои јавноста ќе биде запознаена со подигање на обвинение. Има и материјални докази и вештачења, има вештачења од финансиската полиција и се утврди дека има ситуација што оди во корист на Обвинителството“, рече Коцевски во емисијата „24 анализа“.

Тој откри и дека поради тешката здравствена состојба на членот на групата ДНК која настапуваше кобната вечер во дискотеката „Пулс“, Владимир Блажев-Панчо, кој е осомничен за пиротехниката од која настана трагичниот пожар, против него во моментов нема да се води постапка.

„Има одредени лица коишто се во тешка здравствена состојба и со консултација со лекарите за нив во моментов е одлучено дека не се во состојба за нив да се води постапка ниту да дадат изјава, за жал“, рече државниот јавен обвинител.

Според Коцевски, полицијата во „Пулс“ влегла 15 минути пред да почне пожарот, бројот на обвинети не може да биде прецизиран до поднесувањето на обвинението а одбраната почнува да врши увид во доказите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот