Коцевски и Тошковски си подадоа рака и најавија вистинска борба со криминалот и корупцијата

Со унапреден протокол за соработка и без поканети медиуми на неговото потпишување, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски ќе се борат со организираниот криминал и високата корупција. Во период кога се води истражна и предистражна постапка за најголемата трагедија што се случи во Кочани која ја зеде и 62-та жртва, а јавноста има голем број неодговорени прашања од клучните институции кои ја водат, МВР и Јавното обвинителство, на настанот немаше поканети медиуми, со образложение дека бил организиран од ОБСЕ, со чија поддршка е изработен протоколот.

Водени од заедничката заложба и интереси и решителноста во намерата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, како што кажа Тошковски, неминовно произлегла потребата од склучување на протокол меѓу овие две институции. Овој документ, всушност претставувал понапредна верзија на постојниот протокол за соработка кој веќе бил потпишан во 2023 година, меѓу тогашниот министер за внатрешни, Оливер Спасовски и тогашниот републички обвинител, Љубомир Јовески.

Иако овие две институции со постоечките закони е нормално и природно да соработуваат, според Тошковски, овој протокол бил чекор кон посигурно и постабилно општество и праведен систем.

-Со сигурност ова е чекор кон посигурно и постабилно општество и праведен систем кон кој заеднички тежнееме и во овој систем сме нераскинлив дел. Се надевам дека во иднина и сум сигурен дека овој протокол и круцијалната соработка на секојдневна основа помеѓу овие две институции кои во рамки на системот на владеење на правото, слободно можам да кажам дека се клучни, при спроведување на сето она што значи борба против организиран криминал и особено висока корупција. Нашата заедничка соработка, подобрувањето на сите оние институционални капацитети кои се воспоставени, ќе доведат до едно понормално општество каде секој еден македонски граѓанин ќе може да има чувство дека конечно во Македонија борбата против организираниот криминал и високата корупција не е декларативна туку е вистинска и ги гледаат и ќе ја видат таа заедничка борба помеѓу овие две клучни институции – рече Тошковски во своето обраќање на настанот кој се пренесуваше преку Фејсбук страницата на МВР.

Коцевски за кого постапката за разрешување по трагедијата во Кочани беше запрена, како што рече, со задоволство го потпиша протоколот, порача дека овој протокол не е политички израз на волјата за соработка, туку оперативен план за меѓуинституционалната соработка да се реализира на секое ниво. Тој ја спомена трагедијата во Кочани за која рече дека ги става на тест сите институции.

-Во изминатите денови нашата земја се соочи со национална страшна трагедија која ги стави и се уште ги става на тест сите институции, особено оние кои се задолжени да обезбедат ефикасен кривичен прогон на сите кои имаат одговорност за страшните последици. Од нашето координирано постапување директно зависи силата на одговорот со кој општеството ќе се обиде да постави нови основи на одговорност и да ги увери граѓаните во системот на правдата. Затоа преку овој протокол се отвора можност за продлабочување на соработката и во делот за информирање на јавноста за постапките кои ги водиме. Затоа што јавноста во крајна линија мора да стекне доверба во нашата работа, а тоа е можно само доколку таквата меѓусебна координираност на постапките е видлива за граѓаните. Ние секој ден се повеќе се соочуваме со тешки облици на криминал со криминалци кои ги прилагодуваат своите начини на дејствување и се обидуваат да ја избегнат одговорноста – рече Коцевски.

Пред трагедијата во Кочани премиерот, Христијан Мицкоски жестоко го критикуваше Коцевски, а Тошковски посакуваше нов обвинител кој ќе даде поголем придонес во борбата со криминалот и корупцијата, сега Тошковски и Коцевски си подадоа рака и најавија дека со заедничка соработка, заедно ќе ја донесат правдата во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот