Клиника за онкологија: Има или нема терапија за болните од рак?

„Пациентите со рак на бели дробови немаат терапија на Клиниката за онкологија“, обвини денеска на прес-конференција доктор Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ. Директорот на Клиниката пак, доктор Игор Стојковски за „Слободен печат“ вели дека иако само два или три лека ги нема поради проблем на самиот добавувач – за сите онколошки пациенти вклучително и за тие со карцином на белите дробови има заменска терапија.

-Ги има сите лекови. Освен „пацитаксел“ за кој дистрибутерот две недели нè уверува дека ќе го достават и дека се работи за нивна дистрибутивна дефектура. Тој е нарачан лек од страна на Клиниката но има застој во производството и најавено ни е дека овие денови ќе биде дистрибуиран. За „доцетаксел“ има замена исто така – „паклитаксел“. Од наша страна тендерите се спроведени, останува да ги почекаме лековите. Во меѓувреме уверувам дека за сите терапии има замена, рече за „Слободен печат“ доктор Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија додавајќи дека проблеми има само зашто некои од пациентите со карцином не сакаат заменска терапија туку ја сакаат таа со којашто почнале. 

Претходно доктор Елена Радеска од  комисијата за здравство на СДСМ на прес-конференција рече дека „состојбата со здравството е катастрофална и нечовечна“.

-Владата на ВМРО-ДПМНЕ, министерот за здравство и директорот на Фондот за здравство ги оставија пациентите со рак на белите дробови без терапија. Додека министрите заедно со уште 5-10 луѓе од кабинетите патуваат на скапи службени патувања, пациентите со рак умираат без основна хемотерапија. На Клиниката за онкологија нема лекови за пациентите со рак на белите дробови. Ниту класична хемотерапија, ниту неопходна биолошка терапија како што е лекот „ерлотиниб“ кој е недостапен на Клиниката од средината на мај. Скоро месец и половина пациентите се оставени без лек. Ова не е бирократски пропуст туку загрозување на човечки животи поради неспособност на актуелната власт и директорот на ФЗОМ – обвини таа.

Според неа „министерот нема поим што се случува, мисли дека лековите се пристигнати и продолжува да се занимава со криминалниот проект на неговиот претходник за тендерот за паркинг места“.

Директорот на Клиниката за онкологија признава дека понекогаш недостигаат лекови но никој не презема ништо. Како може во 2025 година, со сите ветувања дека ќе се надмине проблемот, онколошките пациенти да останат без терапија? Како држава членка на Обединетите нации и потписничка на здравствени повелби, дозволуваме лекот кој е на листата на основни лекови на СЗО да не е достапен. Каде се парите од Фондот за здравство? Зошто нема итен план кога пациентите зависат од лекови за да преживеат? Бараме владата, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски и новиот министер уште денес да обезбедат терапија. Бараме Министерството за здравство уште денес да соопшти каде е проблемот и кој ќе сноси одговорност за оваа хумана катастрофа. Потребно е итно и долгорочно решение за непрекинат третман на сите пациенти. И конечно – одговорност. Здравството не е трошок, тоа е обврска. Не прифаќаме молк ни празни ветувања. Одговорност мора да има, рече Радеска. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот