
„Ќе замолчам!“: Контроверзната ѕвезда на „Емилија Перез“ им се извини на оние кои ги повредила со своите изјави
Шпанската актерка Карла Софија Гаскон, која е номинирана за Оскар за улогата во филмот „Емилија Перез“ („Emilia Pérez“), се извини поради контроверзните објави на социјалните мрежи. Таа упати извинување до „сите што биле повредени“ и најави дека ќе се повлече од јавните дискусии, пренесува „Пипл“.
Препорачано
Гаскон го деактивираше својот профил на социјалната мрежа Икс на 31 јануари, откако се најде на удар на критики поради нејзините изјави со кои ја критикуваше муслиманската култура, Џорџ Флојд и различноста на доделувањето на Оскарите. Иако се повлече од платформата, таа продолжи да дава изјави преку Инстаграм и медиумите.
Во интервју за шпанската верзија на Си-ен-ен, актерката видно емотивна и со солзи во очите изјави: „Ниту сум расист, ниту било што од тоа што другите сакаат да го прикажат за мене“.
И режисерот на филмот „Емилија Перез“, Жак Одијар, реагираше ова оваа ситуација.
„Таа е во самодеструктивен процес во кој не можам да се мешам. Не разбирам зошто продолжува. Им штети на луѓето кои ѝ беа блиски. Не планирам да контактирам со неа – ѝ треба простор за да размисли и да ја преземе одговорноста за своите постапки“, изјави тој.
По бурните реакции, Гаскон се огласи на Instagram со ново соопштение: „Одлучив, за филмот, за Жак, за актерската екипа, за неверојатниот тим што го заслужува ова, да замолчам и да дозволам филмот да зборува сам за себе. Се надевам дека моето молчење ќе му овозможи на филмот да биде ценет за тоа што е – прекрасна ода на љубовта и различноста. Искрено се извинувам на сите што се почувствувале повредени“.

Филмот „Емилија Перез“, музички трилер за водач на мексикански нарко-картел кој преминува во жена, освои дури 13 номинации за Оскар – најмногу досега за филм што не е на англиски јазик.
Гаскон е првата отворено трансродова актерка номинирана за престижната филмска награда.