Ќе влезат ли „изгор“-скапите иновативни лекови и моноклонални антитела на позитивната листа?!

Девет нови генерички лекови, кои во земјава се претставени преку 87 пакувања (брендови) од различни фармацевтски компании се најдоа на позитивната листа. Која било  доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ќе ја покрива Фондот за здравство. Лековите што се најдоа на позитивната листа се Prasugrel и Ticagrelor (за крвни болести и против згрутчување на крвта), Nebivolol, Perindopril, Valsartan и Fenofibrate за висок крвен притисок и Escitalopram, Mementine и Duloxetine за третман на депресија и деменција.

Фармацевтските компании доставуваа апликации до специјалната Комисија која потоа според строги критериуми ги рангираше предложените лекови. Таа ранг листа беше доставена до Управниот oдбор на Фондот за здравство кој реши првите девет рангирани лекови да ги додаде на позитивната листа.

Ниеден предложен лек не бил одбиен ако бил според критериумите, меѓутоа, првите 9 како најприоритетни и најпотребни за пациентите први им станаа достапни на пациентите. Досега не е објавена ранг листата на сите предложени лекови така што останува непознато кои лекови добиле помалку бодови па се поместени за идна прилика (одложени). 

Едни од поважните за пациентите се иновативните лекови. Тоа се лекови за кои нема замена, а најчесто ги произведува само една фармацевтска компанија. Нивната употреба е честа кај онколошките заболувања и кај ретките болести.

За онколошката терапија, можам да ви кажам дека Комисијата разгледува огромен број на лекови од оваа област, и тоа најсовремената терапија – моноклоналните антитела. Но тие се најскапи. Најголем дел од тие лекови болниците ги добиваат со условен буџет, изјави професор доктор Димче Зафиров, клинички фармаколог и член на Комисијата за ставање лек на позитивната листа.

Професор Зафиров се надева дека финансиските услови ќе дозволат и ваквата иновативна терапија да се најде на позитивната листа. Сепак, и со овие 9 генерички лекови според него, направен е голем чекор напред.

– Порано ги немавме овие нови генерики за третман на хипертензија, како „аке-инхибитори“ и „бета-блокатори“ од најновите генерации. За кардиоваскуларните заболувања и коагулационите нарушувања лекарите имаа на располагање само стара генерика. Сега имаме модерна, нова, најнапредна терапија за третман на овие заболувања. Има и лек за деменција и за невролошки нарушувања – рече професор доктор Зафиров, коментирајќи го проширувањето на позитивната листа.

Министерот за здравство Арбен Таравари пак, смета дека иако на позитивната листа не се нашле онколошки лекови, сепак тие се покриени од страна на Фондот преку условниот буџет што ФЗОМ им го дава на клиниките. Сепак, овој условен буџет не е доволен да се задоволат потребите на сите пациенти, особено не на оние со малигни заболувања.

– Ова е само почеток на процесот на проширувањето на позитивната листа. Ги охрабрувам фармацевтските компании да продолжат да аплицираат за ставање нови лекови на позитивната листа – апелираше министерот Таравари.

Процесот за проширување на позитивната листа во најголем дел беше спроведен за време на претходната владина коалиција, кога се усвои нов Правилник за ставање лек на позитивната листа, целосно усогласен со европските правилници и се формираше стручна комисија за ставање лекови на позитивна листа.

– За да биде целосно комплетиран целиот процес потребно е оваа листа да се интегрира и да се дополни заедно со болничките лекови – велат од СДСМ.

Од Комисијата за позитивна листа велат дека се избрани лековите за кои пациентите имаат најголема секојдневна потреба.

Мерјем Хаџихамза од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) истакна дека критериумите што се следени при изборот на овие лекови на позитивната листа, едноставно прават невозможно на неа да се најде неквалитетен или непотребен лек. За секој одобрен лек на позитивната листа има стручни мислења од клиниките, кои наведувале какво е искуството во клиничката пракса за тие лекови.

– Самиот факт што кардиоваскуларните заболувања се најзастапени во нашата земја, ја наметнува потребата овие лекови да се приоритет. Се работи за генерички лекови коишто во моментот ќе чинат толку колку што Фондот за здравство може да покрие. Со ставањето на овие лекови на позитивната листа, се подобрува квалитетот на животот на пациентите.

Не може да се исполнат очекувањата на сите засегнати страни, но за поздравување е што се почна со работа и што нашата Комисија направи нешто што на времето 15 комисии не можеа да го направат. Тоа што се подобрува квалитетот на животот на пациентите е бенефит и за државата, зашто здрави пациенти нема да земаат боледување, ќе бидат редовни на работа и индиректно го штедат државниот буџет – истакна Хаџихамза.

Таа посочи дека следни на позитивната листа ќе бидат иновативните лекови.

– Комисијата има направено еден предлог за иновативни лекови, но постапката е во тек. Повеќе онколошки препарати се разгледани од Комисијата и во следната фаза ќе има и онколошки препарати. Не се заборавени онколошките пациенти – ветува таа.

Проширувањето на позитивната листа на лекови ќе предизвика финансиски импликации врз буџетот од 1 милион евра годишно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот