Ќе си дочекаме најниска излезност во последните 30 години?

Аналитичарите предупредуваат дека излезноста на претстојните локални избори ќе биде клучниот показател за довербата на граѓаните во локалната демократија.

Пред претстојните локални избори, вниманието на јавноста и на аналитичарите повторно се насочува кон излезноста – бројка што сè почесто се смета за еден од клучните индикатори на политичката ангажираност во земјата. На локалните избори во 2021 година, на пример, излегоа да гласаат нешто повеќе од половина од граѓаните со право на глас (51,44% во прв круг и 49,65% во втор круг), што, според повеќето изборни аналитичари, претставуваше најниска излезност од воведувањето на повеќепартизмот.

Оваа година, првиот круг ќе се одржи на 19 октомври, а вториот на 2 ноември. Политичките набљудувачи предупредуваат дека повеќе фактори би можеле да влијаат врз учеството на гласачите. Еден од нив е иселувањето, кое, според изборни податоци, ја намалува базата на активни избирачи за најмалку 30.000 лица во однос на 2021 година. Дел од експертите сметаат дека тоа може да ја спушти излезноста, особено во помалите општини, каде што секој глас има поголема тежина.

Покрај тоа, кај дел од гласачите се забележува апатија и недоверба во локалните процеси, а аналитичарите укажуваат дека ситуациите каде што трката се сведува на само двајца кандидати – како што е случај во околу 20 општини меѓу кои Врапчиште, Желино, Крива Паланка и Маврово-Ростуше – може да ја намалат мотивацијата за излегување на гласање.

Од друга страна, во поголемите општини со повеќе кандидати, какви што се Скопје со 16 имиња, Прилеп и Струга со по 9, или Битола и Шуто Оризари со по 8, се очекува пожива трка што, според дел од прогнозите, би можела да го зголеми интересот на гласачите.

Во анализите на дел од стручната јавност се посочува и улогата на неважечките ливчиња. Тие, според Изборниот законик, влегуваат во пресметката на излезноста и од една страна придонесуваат за легалитетот на процесот, но од друга страна, може да се толкуваат и како сигнал на незадоволство од понудените опции.

Покрај овие аспекти, експертите укажуваат и на ниската застапеност на жени кандидати, која годинава изнесува околу 10,4% – нешто подобро во однос на 2021 година, но сè уште далеку под европските стандарди. Според податоците од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), од 1996 до 2021 година во земјата биле избрани вкупно 660 градоначалници, од кои само 18 жени. Дел од набљудувачите сметаат дека ова прашање ја засега и самата мотивација на гласачите, бидејќи отсуството на родова рамнотежа во политичката понуда влијае и врз перцепцијата на изборниот процес.

Иако е тешко да се прогнозира точната излезност, повеќето соговорници се согласуваат дека таа ќе биде клучен фактор за оцена на легитимноста на новите градоначалници. Според дел од нив, доколку излезноста падне под 45 проценти, тоа ќе биде сигнал за сериозен предизвик пред локалната демократија, но и за потреба од поширока анализа за причините за сè поголемата рамнодушност на гласачите.

Универзитетскиот професор Владимир Божиновски во разговор за „Слободен печат“ предвидува дека излезноста на претстојните локални избори нема да надмине 50 проценти.

– Нормално е излезноста на локалните избори да биде помала од парламентарните избори, а поголема од претседателските избори. Моите очекувања се излезноста да се движи од 45 до 50 проценти, иако, би рекол дека 50 проценти е преоптимистички да се очекува. Секако, повеќе фактори играат улога – атрактивноста на самите кандидати, содржината на кампањата што ја водат тие кандидати… Исто така, голема улога игра и фактот дека дел од политичките партии имаат гласачи за парламентарни избори, ама затоа немаат листи за локални избори. Најголема излезност очекувам онаму каде што се очекува да има најголема тензија помеѓу кандидатите, а тоа се општините Чаир, Тетово, Центар, Карпош… Од друга страна, пак, најмала излезност очекувам во општините каде што однапред е познат победникот – објаснува Божиновски.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири во неодамнешно телевизиско гостување на ТВ24 предупреди дека евентуален бојкот или масовно незадоволство кај граѓаните може да има влијание врз перцепцијата на легитимноста на изборите, но и врз довербата во институциите.

– Се соочуваме со многу проблеми што прават гласачите да бидат незадоволни од актуелните политички партии и токму тоа незадоволство може да се рефлектира и како бојкот на локалните избори. Не би се зачудил дури и да се доведеме во ситуација воопшто да не биде постигнат потребниот цензус од една третина од вкупниот број гласачи во Избирачкиот список, односно 33,3 отсто од вкупните гласачи – изјави Незири.

Цензусот за избор на градоначалник во првиот круг е излезност на минимум една третина од вкупниот број запишани избирачи во општината или во Град Скопје. Ако никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот. Во вториот е избран кандидатот што добил поголем број гласови. Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, Државната изборна комисија (ДИК) во рок од 15 дена од завршувањето на изборите е должна да ја извести Владата.

За избор на советници нема цензус. Бројот на советнички места, како што е регулирано со Изборниот законик, се распределува по т.н. Донтова формула од бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидати за членови на Советот одделно.

Излезноста низ годините

На изминатите три локални избори е забележан континуиран пад на излезноста. Со средна вредност од 66 отсто излезност во 2013 година, на следните локални избори во 2017 година се бележи пад на 56 отсто, а на последните избори во 2021 година средната излезност од двата круга падна на 50 отсто, што е 6 проценти помалку во однос на претходните избори.

Први локални избори на 17 ноември 1996 година – излезност во прв круг – 60 отсто, во втор круг 51 проценти.

Втори локални избори на 10 септември 2000 година – излезност во прв круг – 59 отсто, во втор круг 53 проценти.

Трети локални избори на 13 март 2005 година – излезност во прв круг – 56,36 отсто, во втор круг – 53,66 проценти.

Четврти локални избори на 22 март 2009 година – излезност во прв круг – 57 отсто, во втор – 43 проценти.

Петти локални избори на 24 март 2013 година – излезност во прв круг – 67 отсто, во втор – 65 отсто.

Шести локални избори на 15 октомври 2017 година – излезност во прв круг – 60 отсто, во втор круг – 52 проценти.

Седми локални избори на 17 октомври 2021 година – излезноста во прв круг – 51 отсто, во втор круг – 49 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот