
Ќе се спасат 1,3 милиони евра годишно за дозволи за возила што не требало да се вадат
Измените во постапките за одобрување на возила ќе стапат на сила од 1 септември 2025 година.
Законот за возила е донесен пред 17 години, но конечно ќе почне да се применува согласно европските стандарди. Грубата пресметка вели дека 1,3 милиони евра годишно досега оделе за TÜV потврди кои не требало да се бараат и тоа најголемиот дел од средствата оделе кај странски компании на кои им се плаќало. Процесот сега ќе се регулира преку овластените застапници, домашни македонски компании.
Препорачано
Промените се резултат на детални анализи и обезбедуваат поедноставен, транспарентен и ефикасен систем, кој гарантира доверба меѓу институциите, увозниците и граѓаните, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) по одржаната средба со над 40 овластени застапници и увозници импортери на возила во Македонија.
– Го зајакнуваме системот на доверба меѓу институциите и увозниците, со јасни правила и навремена услуга за граѓаните. Ова е значаен чекор за приближување кон европските стандарди и подобрување на квалитетот на услугата која ја добиваат нашите граѓани – изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.
Клучни промени во постапките за одобрување на возила се: Одобрување на тип на возило за сите негови варијанти и изведби според WVTA документот, освен ако импортерот не побара поинаку; Единечно одобрување ќе се врши исклучиво за возила за кои не е одобрен типот во РСМ и немаат одобрение за тип во ЕУ преку Биро за метрологија; Возила со претходно одобрен тип во ЕУ или во РСМ немаат потреба од посебна постапка за единечно одобрување и директно одат во постапка за идентификација и оцена на техничката состојба.
Увозниците имаат обврска да издаваат потврди за исполнетост на техничките барања за сите возила за кои постои европско одобрение на тип (WVTA) или национално одобрување на тип. За останатите возила за кои не постои одобрение на тип во РСМ, или не постои одобрение на тип во ЕУ, увозниците немаат обврска да ги издаваат потврдите, за ваквите возила ќе осе безбедуваат потврди од независни институции прифатени од Бирото за метрологија.
Роковите за одобрување на тип во Бирото за метрологија ќе бидат скратени двојно, за побрза и поефикасна постапка. Цените на услугите од Биро за метрологија ќе се регулираат со нов правилник. Потврдите за исполнетост на техничките карактеристики кај застапниците ќе чинат 40-50 евра.
Измените во постапките за одобрување на возила ќе стапат на сила од 1 септември 2025 година.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) одржа работен состанок со над 40 овластени застапници и импортери на возила во Македонија. На средбата присуствуваа министерката Сања Божиновска, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, претставници на Биро за метрологија и Царината како и професорот Дарко Данев.