Фото: EPA-EFE GEORGI LICOVSKI

Ќе се преиспитуваат еколошките дозволи за индустриските капацитети

Во собраниска постапка е нов закон усогласен со европското законодавство. Согласно сегашната регулатива Во некои случаи не се ни мониторираат честици чие испуштање ја нарушува животната средина, а забележани се и низа други недостатоци.

Издадените еколошки дозволи А и Б, односно за големите и за помалите индустриски капацитети, не се во целост усогласени со европската регулатива. Во некои случаи не се ни мониторираат честици чие испуштање ја нарушува животната средина, а забележани се и низа други недостатоци. Затоа во собраниската процедура е Предлог на закон за контрола на индустриски емисии.

Законското образложение го отвора прашањето кои компании досега и покрај тоа што вложиле многу пари во постројки и кои официјално работеле според законите, сепак не биле „најеколошки“? Институциите не може да вперат прст против нив, затоа што тие не се огрешиле по законот. Со стапувањето во сила на новата регулатива, се очекува еден процес на надградување на нивните постројки и дополнителни финансиски издатоци. Но, дотогаш има време. Овој закон ќе отпочне да се применува по две години од денот на влегувањето во сила.

„Досегашниот систем на издавање интегрирани еколошки дозволи има одредени слабости, кои се поврзани пред сè со многу детално уредување на инсталациите што не даваше простор за самостојно одлучување на операторите, што влијаеше врз намалување на нивната одговорност; дел од издадените дозволи од надлежните органи имаат одредени недостатоци со оглед на тоа дека се издавани во времетраење од многу подолг рок од оној што е пропишан во Законот за животната средина; граничните вредности што се пропишани во дозволите не секогаш кореспондираат со емисиите што се релевантни за предметната инсталација; утврдени се различни параметри за мониторинг што не секогаш ги опфаќал супстанците што се значајни за локалната животна средина; утврдувањето на начинот и роковите на доставување на извештаи е различен; учеството на јавноста во издавањето на дозволите што се применувало е различно, барањата од посебните закони од областа на животната средина не секогаш биле интегрирани во дозволите и дополнително се согледа дека административните капацитети особено на локално и на централно ниво, не беа доволни за да може да се одговори на комплексноста што се бара за да се примени во контрола на индустриските емисии“, пишува во образложението на Предлог-законот.

Во законот се вметнати и многу важни начела како „загадувачот плаќа“, „превенција од загадување“, „учество на јавност и пристапност до информации“.
Според наведеното, целта на Законот е усогласување со Директивата 2010/75/ЕУ од 24 ноември 2010 година за индустриски емисии, што подразбира усогласување на националното законодавство и европското.

Министерството за животна средина секоја година објавува извештај за квалитетот на животната средина. Според последниот што е објавен лани, а се однесува за 2023 година, за некои штетни соединенија најголемо влијание има токму индустријата.

Еден од клучните извори на емисија кај сите видови цврсти честички е производството на електрична енергија. РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј се најголеми виновници и за присуство на сулфурни оксиди и амонијак. Кај емисиите на неметански испарливи органски соединенија се забележува влијание од неколку извори, додека најголем удел има индустријата, во која е вклучена и употребата на растворувачи. Исто така, производството на електрична и топлинска енергија е клучен извор на емисија на никел и арсен, а значајно придонесуваат и за присуството на живата. За живата голем виновник е и согорувањето горива во индустриски процеси и градежништво, покажуваат податоците во Извештајот.

Во однос на загадувачите на водите, од циклусот на известување за 2023 година, добиени се одговори од 60 компании со А-интегрирани еколошки дозволи и од 33 компании кои имаат Б-интегрирани еколошки дозволи. Еве некои од добиените параметри: 191 кг емитувано олово годишно, бакар 222 килограми, никел 309 килограми…

„Вкупната количина испуштена отпадна вода е 10.635.942 кубни метри. Дел од отпадната вода е испуштена во јавни канализациски системи што се со пречистителни станици така што количината на нутриенти и тешки метали што се доспеани директно во животната средина е помала“, забележува Министерството за животна средина.

Во Извештајот се наведени и неопходните мерки: целосно транспонирање на ЕУ директивите за воздух; поефикасна имплементација на веќе транспонираното законодавство на ЕУ за воздух; зголемена употреба на моделирање и предвидување на аерозагадувањето на национално и локално ниво; обезбедување финансиски ресурси за поддршка на спроведувањето на мерките дефинирани во планските документи; интегрирање на мерките за животна средина во специфичните секторски политики особено енергетските политики, каде што лежат двигателите што влијаат врз животната средина; зголемување на напорите за да се исполнат горните граници на емисиите за големите согорувачки постројки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот