Пратки / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ќе се оданочуваат и купувањата од странство под 22 евра, удар врз ерата на Тему

Владата предложи законски измени за бришење на даночното ослободување. Само во јуни македонските граѓани нарачале 250 тони стока од Тему. Според податоците на Царинската управа, од нив 95 илјади килограми имаат третман на мали пратки, за кои не требало да се платат давачки.

Во Собранието е доставен предлог од Владата за измени на Законот за додадена вредност, со цел да се избрише ослободувањето од плаќање ДДВ за производите што ги нарачуваат граѓаните од странство во износ до 22 евра. Ова значи дека сите досегашни нарачки на најразлични производи – од шраф до капут, а кои беа до овој износ, ќе поскапат за 18 проценти колку што е стапката за ДДВ.

„Предложената законска измена е со цел да се избрише ослободувањето од данок на додадена вредност за увоз на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, а се пропишува ослободување од плаќање данок на додадена вредност за добра пратени како мали пратки од некомерцијална вредност, од физичко лице на физичко лице, чија вредност не надминува 22 евра. Ослободувањето не се применува за алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун“, пишува во Предлог-законот.

Она што е евидентно е особено зголемениот интерес за купување производи од кинеската платформа Тему. Само во јуни македонските граѓани нарачале 250 тони стока од Тему. Според податоците на Царинската управа, од нив 95 илјади килограми имаат третман на мали пратки за кои не требало да се платат давачки, додека за останатите околу 150 илјади килограми се наплатени давачки во износ од 41,7 милиони денари.

Според сегашната регулатива, стока испратена од странство од правно лице (компанија) во помали пратки со писмо или поштенски пакет која ја прима физичко лице што живее или има одобрен престој во Македонија е ослободена од плаќање увозни давачки и ДДВ под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 22 евра во денарска противвредност, со вклучени транспортни и манипулативни трошоци.

Дел од трговците со кои разговаравме велат дека нарачките од Тему негативно им влијаеле врз продажбата.

– Јас продавам свечени фустани. Откако почнаа пратките од Тему, продажбата значајно ми се намали. Се жалат и моите добавувачи од Турција. Тие ми велат дека дел од тамошните производители во знак на протест ги фрлале машините за шиење крај контејнерите – велат во еден бутик во ГТЦ.

Но, купувачите, пак, тврдат дека дури кога ги виделе производите на кинеската платформа, сфатиле колкава маржа ставале нашите трговци. И нашата прошетка низ продавниците покажа дека има производи што може да се видат и на платформата Тему. Колку за илустрација, еден брош што од Тему може да се купи за 60 денари, кај нас се продава 360 денари, или 6 пати поскапо.

Според претседателот на Трговската комора Сашо Дукоски, експанзијата на Тему има значајно влијание врз домашниот пазар, со повеќеслојни ефекти.

– Навиките на потрошувачите се менуваат – сè повеќе купувачи се ориентираат кон онлајн понуди со бесплатна достава и широк асортиман, што може да резултира со губење на пазарниот удел на домашните брендови ако тие не одговорат со иновација, подобрена услуга и диференцијација на производите – изјави за „Блумберг“ Дукоски.

Тој посочи дека треба да има мерки за заштита на домашните компании, но дека тие треба да бидат балансирани, од една страна да не се нарушат правилата за слободна трговија, а од друга да се создаде фер конкурентна средина.

И од Европската Унија стигнуваат вести за агресивните кампањи и продажби од страна на разни платформи. Од 1 јули 2021 година, ЕУ воведе нови правила за ДДВ за е-трговија за да обезбеди фер конкуренција за бизнисите од ЕУ и да ги намали загубите од ДДВ што произлегуваат од увозот на пратки со мала вредност, односно стоки со вредност што не надминуваат 22 евра од трети земји. Оттогаш границата е променета и ослободувањето место за вредност под 22 евра е за вредност помала од 150 евра. Во јули годинава, со резолуција од Европскиот парламент, пратениците го поддржаа предлогот на Европската комисија да се укине сегашното ослободување на давачките за стока од трети земји со вредност под 150 евра, но тоа подразбира потреба од целосна реформа и нова регулатива што сè уште не е донесена. „Еуњуз“ пренесува дека според Трговската комора, 65 проценти од пакетите што влегуваат во ЕУ се намерно потценети. Во врска со ова, Комората сака да остане цврста: отстранувањето на ослободувањето ќе биде брането во меѓуинституционалните преговори за реформа на Царинскиот законик.

Е-трговијата, пак, го раздвижи поштенскиот сообраќај. Се создаде цела една индустрија. Според Агенцијата за пошти, во 2024 година во Македонија имало 35 даватели на поштенски услуги на слободниот пазар со околу 1.000 вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот