
Ќе се дознае ли некогаш кој сакаше да го убие Глигоров? – Три децении од атентатот врз првиот македонски претседател
Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди на главата, но на местото на експлозијата загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Ристо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски
Навршија три децении од обидот за атентат врз првиот македонски претседател Киро Глигоров, кога на 3 октомври 1995 година тој беше тешко повреден од експлозијата предизвикана од подметнат експлозив во паркиран автомобил.
Препорачано
Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди на главата, но на местото на експлозијата загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Ристо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Истрагата утврди дека атентатот бил подготвен и организиран. Остана непознато кој стоел зад атентатот, а истражната постапка што се води против непознат сторител сè уште е отворена.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба. Во 9:50 часот во тој октомвриски ден, на улицата „Македонија“, пред хотелот „Бристол“ во Скопје, Глигоров со службено возило се движеше кон работното место во Собранието. Во автомобил „ситроен ами 8“ беа скриени 20 килограми експлозив, активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата, службеното возило на претседателот го забавило едно „фиќо“.
Во истрагата беа претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти и легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 беа претресени. МВР изврши повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметаше дека се можни сторители на атентатот, но сите тие беа пуштени по испрашувањата.
Иако истрагата на МВР беше обемна, а се водеше под името „Автомобил“ и во која беа вклучени безбедносните служби на САД, на Германија и на Велика Британија, ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров не беа откриени. Во 1995 година, неколку месеци по атентатот, како еден од можните атентатори разузнавачката служба ја посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија. Потоа, тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски како нарачатели ги посочи бугарската „Мултигруп“, југословенската служба „КОС“ и т.н. „Братиславска врска“, но сè уште не се пронајдени цврсти докази околу нивната вмешаност во атентатот. Подоцна, водството на бугарската организација „Мултигруп“ лично дојде во посета кај Глигоров за да ги отфрли тие шпекулации.
За драматичните настани на 3 октомври, како и за деновите потоа, Глигоров напиша и автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, која беше промовирана во 2002 година.
За голем број политичари, експерти и политиколози, обидот за атентат врз тогашниот претседател на Македонија е најважниот настан во поновата историја на државата.
Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.