Гасен терминал Александрополис / Фото: EPA-EFE/DIMITRIS ALEXOUDIS

Ќе ѝ плаќаме на грчка фирма 300.000 евра месечно уште 14 години за закуп на капацитет за гас што не го користиме

Од октомври лани секој месец од државниот буџет се трошат по близу 300 илјади евра за закуп на природен гас од терминалот во грчкиот град Александрополис, а гасот не се користи. Министерката за енергетика Сања Божиновска во интервју за телевизијата „24“ вели дека оваа обврска, која годишно ги чини граѓаните над 3,5 милиони евра, Македонија ќе ја има и во следните 14 години.

Обврската за закуп на капацитет на гас земјава ја имала како косопственик на електраната од 25 отсто, вели министерката и додава дека откако пропаднала можноста Македонија да има удел во сопствеништвото на гасниот терминал во Александрополис, договорот за закуп на гас не бил раскинат, туку останал во сила, што ѝ предизвикува голема штета на државата.

„Кога дојдов, начекав фактура којашто е изготвена врз основа на договор со кој нашата држава има закупено долгогодишен капацитет од 15 години. И таа фактура месечно изнесува 300 илјади евра, за закуп на преносен капацитет и тоа не се користи“, рече Божиновска.

Министерката вели дека со актуелното раководството на ЕСМ ќе се обидат договорот да го раскинат, иако според неа тоа е тешко изводливо, бидејќи се работи за меѓународен договор, а ако земјава престане со плаќање на обврската, ќе следува тужба од грчката компанија „Гас трејд“, на која ѝ ги плаќаме парите.

Здружението на Инженери на Македонија реагираше и побара институциите да го истражат овој случај. Како е можно да се плаќаат толкави суми на пари за услуга која не се користи.

„Ние имаме барање, ќе го упатиме и до Владата – овој договор да се поништи и да се покрене некоја постапка за казливост на тој што го потпишал овој договор“, вели Илија Бендевски од Здружението на инженери.

Телевизија 24 се обиде да добие официјален став од претходното раководство на државната компанија ЕСМ, но тогашниот директор Васко Ковачевски е во бегство а институциите го гонат како осомничен во случајот Адитив за набавка на мазут за РЕК Битола. Другите директори кои беа во тимот не сакаа да го коментираат сега договорот. Но телефонски ни соопштија дека има опција количеството на природен гас кој го купува земјава да се препродава, што ова раководство на ЕСМ ни соопшти дека се обиделе на неколку пати тоа да го сторат но било безуспешно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот