Ќе нема ли улични кафемати затоа што им пречат на угостителите?

Сопствениците на вендинг машините за кафе велат дека тие редовно плаќаат данок на направениот промет и прашуваат како тие им се конкуренција на угостителите

УЈП по средбата со регионалните стопански комори во Битола и во Кавадарци, во саботата соопшти дека ќе се бара решавање на проблемот со кафематите бидејќи се влијае врз нелојалната конкуренција на оние што служат кафе во угостителските објекти, како и дека се бараат решенија за формализирање на оние што во домашни услови произведуваат торти, колачи, изработка на накит, украси и друго. Проблематизирањето на уличните кафемати ги вжешти социјалните мрежи.

„И чешмите за вода низ парковите затворете ги, ќе пиеме по кафани“.

„А уште нешто – мене ми сметате сите, од власт, од опозиција, со вашите глупости. Секаде постојат автомати, улични продавници само кај нас се нелојална конкуренција. Некој сака кафе за 120 денари од кафеана, некој за 30 денари од автомат, а најдете која е реална цена“.

„Поголема глупост од оваа за кафематите немам слушнато одамна. За другото ОК. Пијалак од кафемат што го пиеш од хартиена чаша на паркинг и пијалак во угостителски објект е како леѓен со вода и море. Ама и леѓенот е добар и потребен некому“.

Од стотина коментари што се проширија низ социјалните мрежи, ниту еден не одобрува укинување на уличните кафемати. Но, и од УЈП не споменаа укинување на кафематите.

Во очекување на одговорот од УЈП за тоа какви се можните решенија за „проблемот“ со кафематите, разговаравме со неколку компании што поставуваат апарати за кафе. Тие ни објаснија дека принципот на работа е таков што тие сами се грижат и за нивното полнење со кафе и за одржувањето на машините и за прометот. Оттаму велат дека овој промет им се оданочува и не гледаат каде е проблемот.

– Кафето се увезува. Се плаќаат увозни давачи. Потоа, точно се знае од еден килограм кафе колку кафиња може да се направат. Од секоја машина го собираме и го уплатуваме прометот. Плаќаме данок. Математиките се јасни. Не знам зошто воопшто не споменуваат угостителите. Тие вршат сосема поинаква услуга од нашата – велат во една од компаниите.

Што се однесува, пак, до правење торти, колачи, па и цели кетеринзи за прослави од дома, тука на прво место треба да реагира Пазарната инспекција.

– Ако нема регистрирана фирма, таа не е цел на обработка на УЈП. Управата ја контролира наплатата на даноци. Но, ако нема фирма, нема ни даноци, па тоа значи и затајување на данок. Затоа, УЈП прави таргетирани акции во кои се вклучуваат и Пазарниот инспекторат и МВР и Трудовата инспекција. Вакви акции се прават за сузбивање на сивата економија – објаснуваат упатените.

Пазарниот инспекторат во случај на неофицијално производство во домашни услови има надлежност да даде налог за регистрирање на дејност. Но, самото откривање на нерегистрираната дејност, особено ако се врши во домашни услови, тешко се открива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот