
Ќе легнат ли 29 милиони евра од продажбата на имотите на Груевски и на Мијалков?
Агенцијата за управување со одземен имот наголемо објавува дека ќе се продава запленетиот имот на поранешниот премиер Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Во меѓувреме, ниту еден имот што е запленет со месеци не се става на продажба затоа што „не била усогласена законската регулатива“.
Бројчаникот што го најави поранешниот премиер Зоран Заев, а требаше да мери колку пари се вратиле во буџетот од одземање на криминално стекнатиот имот, никогаш не проработе. Најголемата бројка што се спомнуваше беа 17-те милиони евра што требаше да се конфискуваат од бизнисменот Сеад Кочан, но она што остана од овој случај се постапките што се водат во истражните институции зашто конфискацијата била неуспешна.
Препорачано
Сега Агенцијата за управување со одземен имот, наголемо објавува дека ќе се продава запленетиот имот на поранешниот премиер Никола Груевски и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Во меѓувреме, ниту еден имот што е запленет, со месеци не се става на продажба затоа што „не била усогласена законската регулатива“.
Со промената на власта, директорското место во Агенцијата му припадна на коалицискиот партнер ЗНАМ, па во август минатата година, на местото на Дритон Небиу од Алијанса за Албанците, седна Ирена Илиевска. Таа вели дека Агенцијата не можела да стави ништо на продажба поради законските измени што беа донесени во март минатата година, кога беше изгласан Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Во разговор за „Слободен печат“, на нашето прашање зошто речиси една година не е објавен ниту еден оглас за продажба на конфискуван имот, таа вели дека со менувањето на Законот, требало да се донесе нов Статут на Агенцијата, кој потоа го одобрила Владата, па се менувал Управниот одбор на Агенцијата, а сега е во тек носење нов правилник.
– Веќе идната недела правилникот би требало да бидат објавен во „Службен весник“ и по законскиот рок од осум дена што е потребен тој да стапи на сила – вели Илиевска.
Во меѓувреме, за одредени предмети требало и да се прави нова процена, со оглед на тоа дека процената траела една година. Така, на продажба чекаат и имотите на Груевски и на Мијалков од чиј имот треба да се инкасираат околу 29 милиони евра.
Агенцијата ќе го стави на продажба имотот што му беше запленет на Груевски во предметот „Плацевите на Водно“, и тоа двата стана на „Бихаќка“, трите апартмани во „Панорама резиденс“, плацевите на Водно, односно градежно земјиште во Центар и во Норово, за кои почетната цена доставена од Бирото за процени е некаде околу 354 милиони денари.
Становите и апартманите се вкупно проценети на 1,9 милиони евра, а другата сума од 5,8 милиони евра е за плацевите на Водно. Становите што се наоѓаат на ул. „Бихаќка“ се 65 и 44 метри квадратни. Груевски во 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“, побегна во Унгарија каде што доби политички азил. За случајот „Плацеви на Водно“ експремиерот беше осуден на девет години затвор, бидејќи со парите од донации во ВМРО-ДПМНЕ си го купил имотот.
Од Мијалков, Агенцијата очекува да бидат вратени повеќе од 20 милиони евра во буџетот од продажбата на конфискуваниот имот на Мијалков, но дури откако Агенцијата за управување со одземен имот ќе го продаде целиот имот што му го заплени Обвинителството во случајот „Империја“ за кој тој се спогоди и одлежа неколку години во отвореното одделение на струшкиот затвор.
– Вкупниот проценет недвижен имот изготвен од Министерство за правда – Биро за процени е во износ од 21.450.000 евра, што значи дека во Буџетот на државата ќе се префрлат најмалку во тој износ – велат од Агенцијата.
Од целиот имот што беше запленет со правосилна судска пресуда уште во јули 2022 година, досега се продадени два апартмана во Охрид и градежно земјиште во селото Радња (меѓу Демир Капија и Кавадарци) вредни 250 илјади евра, и три стана и една гаража во износ од 332 илјади евра, или во буџетот се вратени речиси 600 илјади евра. Но, овие три стана и гаража што се споменуваат и се наоѓаат на Водно, всушност, пред точно една година ги купи фирмата „Бест веј инвестмент“, која е во сопственост на синот на Мијалков, Јордан Мијалков.
Овој имот беше продаден во ноември минатата година на јавно наддавање преку Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што пред продажбата тогашниот директор Небиу обелодени дека биле заплашувани од сопственици на имотот при обидите за продажба.
На јавното наддавање децидно е забрането учество на осуденото лице, но Мијалков како што ги изигра законите и пред издржувањето на затворската казна, го смени местото на живеење од Скопје во Охрид за да ја издржува затворската казна во отворен затвор, така и тогаш си ги врати преку фирма на синот.
На продажба треба да се најдат 20 стана и осум гаражни места на Водно, поточно на улицата „Славејко Арсов“, два апартмана во „Панорама резиденс“, два апартмана во хотелот „Парк“ во Охрид. Ќе се продава и градежно земјиште во Радња, Центар и во Богородица, како и деловен простор на улица „11 Октомври“ во Скопје. Сепак, за продажбата на овој имот Агенцијата треба прво да добие согласност од Владата.
„Одлука за продажба на одземени предмети и конфискуван имот што се состои од движни ствари донесува Управниот одбор на Агенцијата, на предлог на директорот. Одлука за продажба на одземени предмети и конфискуван имот кој се состои од недвижни ствари донесува Владата…“, пишува во Законот.
Со новиот закон сега нема можност, како што беше претходно, блиски лица на сопственикот да го купат имотот.
„Како купувачи не можат да се јават ниту правни лица или одговорни лица, или бранителот или правниот застапник на правното лице, во кое осуденото лице од кое е конфискуван или одземен имотот, се наоѓа како сопственик на најмалку 25 отсто од сите акции или, пак, се наоѓа на раководна позиција во тоа правно лице“, вели новиот закон.
Груевски: Никаков мој имот никогаш не е запленет
Никаков мој имот никогаш не е запленет. Во режирана и конструирана судска постапка, диригирана од режимот на Заев и од него лично, запленија неколку имоти на двајца скопски бизнисмени кои со огромни притисоци и уцени кон нив, едниот како обвинет, а другиот како сведок, но со закана дека ќе го направат обвинет, а без никаков материјален доказ, движење на пари, документи или слично, ги прогласија за мои, тврди поранешниот премиер, Никола Груевски со статус на Фејсбук.
-Од вештачењето не само што се виде дека јас не сум сопственик на фирмата и нема никаков допир со мене, туку се виде дека ниту некој мој близок, ниту кој било од Македонија имал плаќања или каква било работа со таа странска фирма. Се виде и дека не биле ставани или вадени никакви пари во кеш, како што бомбастично најави ОЈО кога го лансираат случајот и кога изјавија дека сум земал пари од партијата во кеш и сум купил земја, изјава која ја дадоа пред да им пристигне вештачењето. По вештачењето што самите си го нарачаа, престанаа да говорат за потекло на пари, кешови и слично, бидејќи видоа дека такво нешто нема, но не го повлекоа, ниту променија обвинението. Вештачењето, колку што се сеќавам, покажа дека странската фирма што го купила земјиштето, парите ги добила од своето редовно работење во други земји – напиша Груевски.