Печено прасе/ Фото: Pixabay

Ќе има поевтино свинско печено, а добра цена ќе добијат и мезињата во новата кошница

Цените на производите што ќе ги договорат пазарните играчи, ќе се објават на посебна платформа на Министерството за економија, дознава „Слободен печат“. Марјан Ристески, заменик-министер за економија, се надева дека кошницата ќе има повеќе од 500 производи што ќе бидат опфатени со намалување на цените, а некои ќе бидат различни од есенската потрошувачка кошничка

Цените на производите што ќе влезат во новогодишната кошница нема да може да се менуваат, односно нема да смее да има една цена на рафт, а друга на каса. За да нема ујдурми, како што дознава „Слободен печат“, тие цени ќе се објават на посебна платформа на Министерството за економија.

– Доколку производителите и трговците не се држат до договореното, тоа ќе значи измамничка објава, а нивните производи ќе бидат симнати од списокот – велат нашите извори.

Во однос на периодот до кога граѓаните ќе може да пазарат поевтино за 10 отсто, тој е договорен на еден месец, односно според Законот за заштита на потрошувачите, толку може да трае акциската продажба. Според истиот закон, доколку мерката трае, тоа ќе се смета за промотивна понуда и таа смее да биде само осум дена.
Во меѓувреме, производителите и трговците интензивно се договараат што ќе „стават“ во кошницата, ни потврди и Слободан Кутревски од „Пекабеско“.

– Сигурно ќе учествуваме со нашите производи и ќе го почитуваме договореното. Подготвени сме да понудиме сè што ќе побараат трговците, така што граѓаните може да сметаат на пониски празнични цени на дел од сувомесните производи – ни рече Кутревски.

Како што неофицијално дознаваме, се врши и силна агитација во кошницата со намалена бруто-маржа од 10 отсто да влезат и сите газирани сокови, а дел од производителите на пиво веќе почнале да нудат промотивни акции. Меѓу достапните информации е и онаа дека Здружението на производители на месо дало збор дека ќе учествува во кошничката со одредени категории свинско месо, а дел од производителите на млечни производи, пак, самоиницијативно уште сега почнале да го нудат својот асортиман, со цени пониски и до 35 отсто.
За учество во новогодишната кошница се и од „Витаминка“, која е еден од најголемите лидери во прехранбената индустрија во земјава. Генералниот директор Сашо Наумоски за „Слободен печат“ откри дека сè уште траат разговорите со Министерството за економија за тоа кои производи ќе се најдат на списокот со намалени маржи.

– Како и во претходната кошница и овој пат ја понудивме целата наша палета производи од мајонез, масло за јадење, чоколади и кекси. Чекаме да видиме што ќе се договориме – вели Наумоски.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески пред некој ден излезе со информација дека „се подготвува новогодишната потрошувачка кошничка, при што граѓаните треба да очекуваат околу 500 производи со пониски цени“. Во меѓувреме, завршени се консултациите со стопанските комори, синдикатите и со Асоцијацијата за заштита на потрошувачите.

– Со една многу добро, внимателно подготвена анализа, ќе излеземе за новогодишната кошничка за брзо време. Се надевам дека ќе имаме повеќе од 500 производи што ќе бидат опфатени со намалување на цените, односно повеќе групи производи. Ќе има и некои различни производи од есенската потрошувачка кошничка. За граѓаните најбитно е што ќе бидат опфатени производи што се најзастапени на трпезата за Нова година и за празниците околу Нова година – изјави Ристески.

Тој е уверен дека потрошувачката кошничка ќе донесе бенефиции за граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот