Згради/фотографија: „Слободен печат“/ Слободан Ѓуриќ

Кириите на становите незапирливо растат, за народните избраници ова не е проблем

Пропадна обидот на Левица да издејствува измени во Законот за домување, со кои законски би се ограничила максималната закупнина на годишно ниво на 3 проценти од вредноста на станот. За предлогот гласаа само 19 пратеници, додека за владејачкото мнозинство, за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, ваквиот предлог не беше прифатлив за изгласување и тоа без никаква дискусија.

Цените на становите во Скопје се во постојан пораст, па обезбедувањето сопствен покрив над главата за многу луѓе станува невозможна мисија. Но, ниту живеењето под кирија не е лесно, особено што тоа подразбира секој месец одвојување по неколку стотини евра за закуп, од платите што за најголемиот број граѓани се потпросечни.

За маките со кои се соочуваат особено младите луѓе на стартот од својот самостоен живот, може да раскаже секој што бил во постапка за купување или за изнајмување стан.

Според анализата на Народната банка, растот на цените на становите само во првата половина од 2025 година изнесува 22,5 проценти. Во Карпош и во Центар тие некаде достигнаа близу 3.000 евра за квадрат, па по огласите може да се види, на пример, оглас за продажба на стан од 60-ина квадрати кај Сити мол по цена од 180.000 евра.

Но и цените за закуп на стан, особено во овие две општини, исто така „галопираат“, па за иста таква квадратура се движат и по 450 евра месечно.

Живеам со сопругата под кирија во изминативе 10 години и за тоа време сменивме три стана, затоа што никој од сопствениците не склучува договор за подолг период, најмногу година или две, и доколку потоа им притреба, мора да го напуштиш. Притоа, цените за кирија се огромни. Живееме во моментов во стан од 50 квадрати во стара зграда во Карпош и плаќаме 350 евра месечно, што е половина од мојата плата. А каде се другите трошоци? Прескапо е, ама немаме можност да купиме стан – раскажува 35-годишен жител на Карпош.

Статистиките покажуваат значително зголемување на цените за закуп на станови во последните неколку години, па така за стан од 50 квадрати во Центар за три години се зголемиле за најмалку 100 евра месечно или во просек за околу 35 проценти, а слично е и во Карпош и во Аеродром. Цените варираат и во зависност од големината на становите, и во зависност од тоа дали се наместени или не, па во Центар за наместен стан поголем од 100 метри квадратни месечната кирија се движи околу 1.000 евра месечно и повеќе.

Притоа, тешко е да се контролира пазарот со закуп на станови, затоа што голем број од становите се издаваат на „диво“, без договори и без пријава во Управата за јавни приходи. Но и за оние што се уредно пријавени, сопственикот сам одлучува колкав приход ќе оствари и дали ќе ги изнајмува од ноќ или на подолг период.

Левица: Власта е глува на крикот на младите – Собранието го одби пакетот закони за младите семејства

Во моментов ова е нормирано со Уредба на Владата, со која се одредува дека висината на закупнината на стан на годишно ниво не може да биде пониска од 2 проценти од вредноста на станот, но нема ограничување до која висина може да оди износот за кирија.

Денеска пропадна обидот на Левица да издејствува измени во Законот за домување, со кои законски би се ограничила максималната закупнина на годишно ниво на 3 проценти од вредноста на станот. За предлогот гласаа само 19 пратеници, додека за владејачкото мнозинство, за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, ваквиот предлог не беше прифатлив за изгласување и тоа без никаква дискусија.

Измени и дополнување на Законот за домување партијата предложи уште во јануари 2024 година со идеја, како што посочија, да се регулира едно од најважните општествени прашања за социјалната држава, закупот на простор за домување, тргнувајќи од ставот дека секоја современа држава е должна да обезбеди добар квалитет на живот за своето население и да има добри стандарди за домување.

Со предложените законски решенија ќе се утврдат реални цени за закупнината преку кои за сопствениците на станови ќе се обезбеди правичен стандард и законски механизам за определување на цената за изнајмување, а за закупците сигурност и заштита од плаќање прекумерни кирии за изнајмување, несоодветни за вистинската (реална) вредност на просторот. Вака ќе се подобри квалитетот, транспарентноста и вредноста на реалниот простор за домување на државно ниво и ќе се заштити правото на граѓаните за домување. Ова е првиот чекор во насока на целосно решавање на станбеното прашање низ систематски пристап, со што ќе се стимулира создавање нови семејства и економски клетки и ќе се забави иселувањето на младите – соопштија тогаш од Левица.

Заедно со овој предлог, на седница на Собранието вчера се најдоа уште четири предлози, кои исто така не беа изгласани, какви што се работно време од шест часа за родители на деца до шест години, нов закон за државна поддршка при купување прв дом за млади, месечен ваучер во износ од 6.000 денари за неформалните грижители за деца (како баби и дедовци), а не се изгласа ниту предлогот за бесплатен јавен превоз за родители на деца до 6 години.

Иако овој пакет на мерки и предлог-закони произлезе од директна и широка анкета што ја спроведе Левица меѓу младите, власта заглавена во безидејност продолжува да го игнорира гласот на младите. За погубната тенденција на иселување, говори податокот дека оваа учебна година во македонските училишта се запишале дури 27.000 ученици помалку, споредбено со пред 10 години. Одговорноста за тоа што Македонија старее е во сите владејачки елити досега, кои изградија систем каде што за некого домувањето е луксуз, додека нивните милионери функционери богатството го трошат по раскошни локации, како Монако и Дубаи – соопштија од Левица по денешната седница.

Податоците од Пописот 2021 покажуваат дека во државата има вкупно 531 987 населени и 307.187 празни станови. Најголем број од становите се населени од сопствениците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!