
Кинези направија машина за перење на облека на астронаути во вселената
Валканата облека за перење отсекогаш била голем проблем за астронаутите во вселената, а со оглед на ограничената количина на вода и фактот дека немаат машина за перење, ја носат облеката колку што можат подолго пред да ја фрлат. Сепак, наскоро би можеле да уживаат во луксузот на чиста облека во вселената, благодарение на новиот систем сличен на машина за перење, развиен од кинескиот Центар за истражување и обука на астронаути.
Препорачано
Истражувачите наводно развиле компактна машина за перење без детергент. Овој уред има форма на коцка и е малку поголем од куфер, а тежи 12 кг.
Според „Саут Чајна Морнинг Пост“, овие машини за перење користат магла и озон за чистење на облеката, при што речиси воопшто не е потребна вода- пренесува Каматица.
Водата е скапоцен ресурс на Меѓународната вселенска станица (МВС) и кинеската вселенска станица Тјангонг. Секоја капка се рециклира внимателно, па едноставно нема вода за перење облека. Астронаутите го добиваат поголемиот дел од својата вода од напреден систем за рециклирање, кој собира и третира отпадни води. Ова вклучува вода од нивниот здив, пот и урина, како и вода што се користи за туширање. Рециклираната вода главно се користи за пиење и хигиена.
Транспортот на вода од Земјата е многу скап поради нејзината тежина и енергијата потребна за нејзино лансирање. Иако вселенската станица е без нечистотија и кал, облеката на астронаутите се валка од пот за време на дневните вежби. Бидејќи облеката добива непријатен мирис, астронаутите ја пакуваат во товарни капсули за повторно влегување во атмосферата на Земјата, каде што согорува. За да ги спречат астронаутите да го фрлат својот гардеробер, вселенските агенции истражуваат начини да го перат во вселената.
Новиот уред користи само 400 милилитри вода (по циклус) испорачана во форма на ултрафина магла, што е доволно за чистење до 800 грама облека. Наместо да користи детергент, машината произведува озон со ултравиолетова светлина за силна дезинфекција на облеката, така што може да се користи до пет пати.
Дизајнот на уредот е добро прилагоден на микрогравитацијата, што спречува проблеми како што се акумулација на течности и сапуница од отпадни води.
Ова би можело да биде корисно за астронаутите на мисии што траат повеќе од пет месеци во орбитата или два и пол месеци во длабоката вселена. Симулациите покажаа стапка на стерилизација од 99,9 проценти. Истражувачите го дизајнираа системот да трае најмалку пет години, но постојат планови за производство на прототипови и подобрување на ефикасноста за подолги вселенски мисии. Овој систем би можел да ја намали количината на облека потребна за вселенските мисии за повеќе од 60 проценти.