
Кинеските газди на „Горење“ затвораат фабрика во Словенија, фрижидерите се прават поевтино во Србија
Словенечкиот производител на апарати за домаќинство „Горење“ денеска најави дека во текот на следната година ќе го затвори погонот за производство на компоненти за фрижидери во Рогатец, наведувајќи дека тамошната фабрика повеќе не е конкурентна.
Препорачано
Фрижидерите и замрзнувачите за кои фабриката во Рогатец произведува компоненти, со години се произведуваат во друга фабрика на компанијата Горење во Ваљево, пренесува СТА.
„Ние сме под голем ценовен притисок во производството на апарати за домаќинство, па по затворањето на фабриката во Рогатец, компонентите ќе ги набавуваме од надворешни добавувачи“, додаваат од „Горење“.
Компанијата има 120 вработени во Рогатец, а ќе им биде понудено да работат во главниот производствен центар во градот Велење.
Работниците кои ќе се одлучат да работат во Велење можат да сметаат на посебен бонус на плата и организиран автобуски превоз меѓу двете локации, додека вработените кои нема да ја прифатат оваа опција ќе добијат отпремнина.
Производството во фабриката во Рогатец ќе биде значително намалено до крајот на 2024 година, додека целосно затворање се најавува за август 2025 година.
Од 2018 година „Горење“ е во сопственост на кинеската компанија „Хајсенс“, која има три производствени погони во Словенија – Велење, Шоштањ и Рогатец, како и фабрика во Ваљево и уште еден производствен погон во Чешка.