Јанис Варуфакис
Јанис Варуфакис/ Фото: EPA-EFE/Fernando Alvarado

Кинеската дилема со Трамп

Главната дилема пред Кина во овој момент е прашањето дали треба да се исклучи од меѓународниот монетарен систем, со кој доминира доларот, така што групацијата на големи глобални економии позната како БРИКС, која е сè уште во формирање, ќе ја трансформира во аранжман сличен на оној од Бретон Вудс

По враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, најголемата грижа за кинеските лидери не се најавените високи царини за кинеските производи. Тие знаат дека зголемувањето на царината за Трамп е поважно како политички и симболичен чин, отколку како економско оружје што навистина би можело да го загрози економскиот раст и напредок на Кина.

Главната дилема пред Кина во овој момент е прашањето дали треба да се исклучи од меѓународниот монетарен систем со кој доминира доларот, така што групацијата на големи глобални економии позната како БРИКС, која е сè уште во формирање, ќе ја трансформира во аранжман сличен на оној од Бретон Вудс. Одговорот на тоа прашање не зависи од царините или од судбината на Тикток, туку од тоа дали јастребите во Трамповата администрација ќе успеат да предизвикаат конфронтација која ги надминува царините и влегува на теренот на финансиски санкции.

Како оружје за покорување на Кина, царините се преценети, особено во комбинација со ветените даночни олеснувања и радикалната дерегулација. Тоа се, впрочем, потези што веројатно ќе ги зголемат профитите и цените на акциите во САД, забрзувајќи го приливот на странски капитал. Дефицитот на федералниот буџет ќе продолжи да расте, а доларот и натаму ќе јакне – со што ќе се ублажи негативниот ефект на царините на кинескиот извоз – сè додека инвеститорите веруваат дека растот на приходите од американските државни обврзници ќе заостанува зад растот на американските берзански индекси. Јазот меѓу домашната заштеда и вложувањата – што е главната причина за трговскиот дефицит на САД во однос на Кина и Европа – само ќе се зголемува.

Пред Трамп е голема трилема: може ли истовремено да осигури високи царини, послаб долар и продолжување на глобалната хегемонија на американската валута? Откако добро го проучија Договорот од Плаза (хотел во Њујорк) потпишан во 1985 година, кинеските лидери претпоставуваат дека Трамп ќе се обиде да им го направи тоа што Роналд Реган им го направи на Јапонците пред 40 години. Со други зборови, Кина може да избира меѓу два отрова: значајно зголемување на вредноста на јуанот и високи царини за кинеската стока. Тоа нè доведува до политичката и геостратешка димензија на овој проблем.

Трамп знае дека Кина не е Јапонија, чиј повоен Устав го пишуваа американски функционери и во која се стационирани 55.000 американски војници. Исто така, Кина повеќе не е зависна од американскиот пазар како некогаш и тоа благодарение на диверзификацијата и фактот дека своите производи и синџири на снабдување, кои се во нејзина целосна сопственост, успеа да ги направи незаменливи во целиот свет.

Изгледите Кина да се предаде и да го направи јуанот повреден, за да ги избегне царините на Трамп, се занемарливо мали. Кинеските лидери добро знаат дека ревалуацијата на јенот од договорот од Плаза беше клучна за трајно забавување на јапонскиот индустриски и финансиски раст.

Сепак, иако знае дека Кина нема да се сложи со ревалуација за да ги избегне високите царини, Трамп секако ќе ги воведе, од политички и симболични причини. Тогаш ќе почнат преговори што ќе доведат до компромис и нешто пониски царини.

Како што предвидува Џејмс К. Галбрајт, царините нема значајно да влијаат врз кинеските производители и во овој период приспособувањата на светската трговија на новонастанатата ситуација. САД ќе купуваат повеќе стока од Виетнам и Индија, а кинескиот извоз во Европа и остатокот на светот неколкукратно ќе се зголеми. Економскиот блок што би можел да претрпи најголеми загуби поради царините на Трамп не е Кина, туку Европската Унија.

Исто така, дигитално-технолошкиот ѕид што се подигнува меѓу Кина и САД веќе ги погодува големите компании од двете земји. Ордите на инженери во Кина со големи чекори напредуваат во производството на напредни микрочипови со чија технологија Кина не би можела да завладее да не беше Новата студена војна започната во првиот мандат на Трамп – што е политика што бившиот претседател Бајден ја презеде, па дури и ја ескалираше.

Од друга страна, американската концентрација на капитал во „клаудот“, нејзината предност во дигиталните истражувања и развој и најавените царини на Трамп веќе ги мотивираа европските компании своите инвестициски средства да ги пренасочат во САД. Накратко, ако некој има причина да очајува поради царините на Трамп, тоа не е Кина, туку Европа.
Тоа не значи дека Кина нема никакви причини за грижа. Големо прашање е дали американските јастреби ќе се задоволат со високите царини и антикинеската реторика или нивната воинственост ќе се оттргне од контрола и ќе продолжи да се засилува во маѓепсан круг. Попрецизно, ќе успеат ли да го убедат Трамп дека од царините треба да се префрли на финансиски санкции, какви што САД и ЕУ ѝ воведоа на Русија?

Ако тоа се случи, кинеското раководство ќе мора да ја реши својата дилема и тоа пред планираното. Треба ли да ги пресретне можните финансиски санкции со тоа што БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка и петте нови членки) ќе го трансформира во монетарен систем сличен на оној што е воспоставен во Бретон Вудс, со јуанот како носечка валута и кинескиот трговски суфицит како негова база? Или е подобро да остане во пошироките рамки на доларскиот систем и да чека на решавање на внатрешните противречности во САД?

Кина досега не брзаше. Иако развива различни системи на плаќање, досега не инсистираше на претворање на БРИКС во монетарен систем. БРИКС-пеј, на пример, е фасцинантен експеримент што комбинира „блокчејн“ технологија и прекугранично централно планирање за да се изгради систем на плаќање кој го укинува монополот на западот во доменот на електронски трансфери. Но, со оглед дека плаќањата се деноминирани во различни валути, вез заедничка носечка валута, БРИКС-пеј е уште далеку од статусот на функционален монетарен систем, исто толку колку што СВИФТ-от е оддалечен од еврозоната.

За да стане БРИКС сериозен предизвикувач на меѓународниот монетарен поредок изграден на доларот, Кина би морала своите вишоци да ги стави на располагање на БРИКС, така што рупиите што Русија ги добива со извозот на нафта во Индија, би можеле да се заменат по квазификсен курс за јуани, кои ќе се трошат за купување кинеска стока – што е функција што САД ја извршуваа во 50-тите и 60-тите за да го осигурат системот од Бретон Вудс.
Тоа би бил огромен чекор за Кина и сериозен предизвик за доминацијата на доларот. Но, за тоа дали Кина ќе се одважи на таков потфат, ќе одлучува геополитиката, а не економијата.

Вијести

(Авторот е поранешен министер за финансии на Грција)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот