
Херберт Кикл, Слободарска партија на Австрија: Системски промени и напредок без компромиси
Кикл се фокусира на економските мерки како контрола на цените, намалување на државните трошоци и стимулирање на домашното производство на енергенси. Тој ја критикува сегашната здравствена и пензиска политика како неефикасна и нагласува дека неговата стратегија останува насочена кон системски промени и јаснa федералнa улога, без да се впушта во локалната политика.
Лидерот на австриската Слободарска партија (ФПО), Херберт Кикл, беше последниот гостин во овогодинешните летни интервјуа на јавниот сервис ОРФ. Тоа беше негово прво летно интервју по неуспешниот обид да формира влада во февруари, по што остана во опозиција, но со амбиција повторно да стане канцелар.
Препорачано
Политичките аналитичари предупредуваат дека неговиот најголем предизвик е да ја убеди сопствената и потенцијалната изборна база дека владина улога под негово водство е изводлива.
Економија, енергија и државни интервенции
Во разговорот Кикл најмногу внимание посвети на економската состојба и на ценовната криза. Тој се изјасни за државна интервенција во цените како привремена мерка за граѓаните, иако призна дека тоа не е негова омилена политика. Сепак, според него, владата не смее да ги остави луѓето сами со проблемот на поскапувањата. Меѓу конкретните предлози беа стопирање на порастот на цената на електричната енергија, укинување на данокот на додадена вредност за основни прехранбени производи и отфрлање на политиките што воведуваат казнени механизми за употребата на енергенси со јаглерод диоксид, кои според него претставуваат своевидна „криминализација на СО₂“.
Лидерот на слободарците смета дека Австрија повторно треба да увезува гас од Русија, како што тоа го прават и други западни земји. Истовремено најави офанзива за домашно производство на гас, но предупреди дека обновливите извори не треба да се развиваат со невообичаена брзина. За него е поприфатливо гасот да биде набавен пониско ако зависноста веќе постои, отколку државата да плаќа скапи алтернативи.
Голем дел од финансирањето за неговите мерки би дошло преку кратење на трошоци во области како заедничката европска одбрана, помошта за Украина, развојната соработка, придонесите кон буџетот на Европската Унија и системот за азил. Тој оцени дека економската ситуација е драматична и дека „ѝ е дојдено до гуша на австриската економија“. Дополнително предложи враќање на нивото на субвенции од пред ковид-кризата, што според неговите пресметки би донело заштеда од пет до шест милијарди евра.
Политички цели и лична позиција
Во делот за здравството Кикл критикуваше дека има премногу институции со поделени надлежности, со што се губи ефикасноста. Според него, граѓаните треба да одлучат кај кого ќе се концентрира одговорноста. Тој укажа дека големиот број институции и интересни групи во здравството повеќе создаваат хаос отколку решенија.
Во врска со пензиската политика, се изјасни против плановите на канцеларот за индексирање под инфлацијата и побара рамномерно зголемување од 2,7 проценти за сите пензионери. Истовремено изјави дека за највисоките функционери би прифатил замрзнување на платите, но исклучоци би направил за полицијата и други служби со директна одговорност. Според него, ако оние што најмногу придонесуваат добијат помалку, тоа би било „фатален сигнал“ за општеството.
Кикл уште еднаш нагласи дека нема намера да се кандидира за гувернер во родната Корушка. Според него, единствената обврска што ја презел е во федералната политика да работи на, како што го нарече, „системски пресврт“. Тој предупреди дека не може еден политичар да биде активен на повеќе фронтови и дека мора да се држи зборот даден на сопствените гласачи. На тој начин се дистанцира од стратегијата прво да бара влијание во покраината, а потоа повторно да настапи на национално ниво. Во врска со неуспехот на преговорите со Народната партија, Кикл изјави дека не гледа сопствена вина, туку недостиг на подготвеност од другата страна. Соработката на покраинско ниво со Народната партија ја објасни со тоа дека тие структури се поблиску до луѓето одошто федералното раководство.
На меѓународен план, Кикл позитивно го оцени примерот на американскиот претседател Доналд Трамп, особено неговиот пристап кон политичкиот ислам, напорите за зачувување на традиционалните вредности и строгите мерки за протерување на илегални мигранти. Економските потези на Трамп, иако спорни за Европа, тој ги оправда како политики во интерес на сопствената земја. Контакт со италијанската премиерка Џорџа Мелони досега немал, но најави дека тоа би можело да се промени во наредната година.
Со своето прво летно интервју како лидер на најсилната партија, Кикл испрати порака дека неговата политичка стратегија останува насочена кон системска промена, намалување на државните трошоци и поинаков пристап кон меѓународните сојузи. Но за тоа дали ќе успее да ја убеди јавноста дека може да води влада, останува да одлучат следните избори и гласачите што внимателно го следат неговиот секој потег.