Кевин Костнер / Фото: CARSTEN KOALL / AFP / Profimedia

Кевин Костнер обвинет за насилна сцена на силување без согласност на сетот на „Хоризонт“

Каскадерката Девин ЛаБела поднесе тужба против Кевин Костнер и продуцентите на филмот „Хоризонт: Американска сага – Глава 2“ (Horizon: An American Saga – Chapter 2), тврдејќи дека била принудена да учествува во „насилна“ и несценарирана сцена на силување, без претходна најава, согласност или присуство на задолжителен координатор за интимни сцени, пренесе „Гардијан“.

ЛаБела била главна каскадерска двојничка на актерката Ела Хант, која ја игра улогата на Жулиет во филмскиот серијал „Хоризонт“, четириделен вестерн што го напиша и режира Костнер. Според тужбата, поднесена во Калифорнија во вторникот, на 2 мај 2023 година Костнер импровизирал сцена во која Жулиет била силувана, еден ден по снимањето на сценарирана сцена во која нејзиниот лик бил силуван од друг лик.

Според тужбата, Хант одбила да ја сними новата сцена, по што ЛаБела била повикана на сет, без да знае дека Хант одбила и си заминала.

ЛаБела во тужбата наведува дека не била предупредена дека новиот актер ќе биде насочен да ја качи, да ја задржи со сила и насилно да ѝ ја повлече сукњата. Таа тврди дека Костнер ѝ наредил да легне во кочија, а потоа му наредил на актерот да изведува насилно симулирано силување додека тој експериментирал со различни кадри на дејствието.

Кевин Костнер во еден од филмовите од серијалот „Хоризонт“ / Фото: New Line Cinema – Territory Pict / AFP / Profimedia

Тужбата наведува дека сцената ги прекршила договорените протоколи на синдикатот на актери, кој предвидува дека за сцени со голотија или симулиран секс мора да има најмалку 48 часа најава и експлицитна согласност од актерите.

ЛаБела тврди дека не добила таква најава, ниту пак дала согласност, како што стои во нејзиниот договор. Таа додава дека координатор за интимност не бил присутен на сетот, иако тоа било задолжително според договорот на Хант, кој се однесувал и на неа како нејзина двојничка.

Исто така, во тужбата се вели дека сетот не бил затворен — на сцени со голотија, секс или силување, дозволено е присуство само на минимален тим, но ЛаБела наведува дека „сцената била емитувана на монитори и достапна за целиот тим … секој можел да помине и да ја гледа“.

Според тужбата, сцената на силување што се снимала претходниот ден била претходно пробана, со присуство на координатор за интимни сцени и затворен сет, со почитување на приватноста на актерите.

ЛаБела бара отштета поради сексуално вознемирување, непријателска работна атмосфера и прекршување на договорот, наведувајќи дека веднаш почувствувала „шок, срам и понижување“ и почнала да посетува терапија во јуни 2023 година.

„Бев оставена изложена, незаштитена и длабоко изневерена од системот што ми вети безбедност и професионалност. Она што ми се случи ми ја скрши довербата и засекогаш го промени начинот на кој се движам низ оваа индустрија“, изјави ЛаБела.

Костнер ги негира обвинувањата. Неговиот адвокат Марти Сингер изјави дека актерот и режисерот „секогаш се грижи сите на сетот да се чувствуваат безбедно и удобно“ и дека тврдењата на ЛаБела „се целосно неосновани и ги побиваат нејзините сопствени постапки и фактите“.

Сингер тврди дека сцената ѝ била објаснета на ЛаБела и дека по пробата таа му покажала палец нагоре на координаторот за каскади, што значело согласност. Исто така, приложил порака што наводно ЛаБела му ја испратила по снимањето, во која пишува: „Ти благодарам за овие прекрасни недели! Навистина многу ти се восхитувам! Научив многу и повторно благодарам. Многу сум среќна што вака испадна. Уживај во остатокот од снимањето и се слушаме наскоро!“.

ЛаБела во тужбата наведува дека се пожалила на колеги за искуството, но дека поради тоа што снимањето сѐ уште траело, чувствувала дека мора да продолжи да работи и да задржи професионално однесување.

Костнер делумно ги финансирал првиот и вториот филм од „Хоризонт“, вложувајќи 38 милиони долари од вкупниот буџет од околу 100 милиони. Првиот дел беше објавен во јуни 2024, но не постигна комерцијален успех, заработувајќи 38,7 милиони долари на светско ниво. Вториот дел имаше премиера на Венецијанскиот филмски фестивал во септември 2024, но сѐ уште нема објавен датум за општа дистрибуција.

Кевин Костнер по разводот најде рамо за плачење кај бившата сопруга, на која пред 30 години ѝ дал 80 милиони долари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот