
Керамичарот Филип Фидановски покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација
Во Музејот на град Скопје од 25 октомври до 5 ноември е поставена изложба на дела од керамика од Филип Фидановски со наслов „Пикасо, можеби јас 2“. На изложбата се претставени 17 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18-каратно злато за керамика и порцелан.
Препорачано
Изложбата е под покровителство на Амбасадата на Кралството Шпанија, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам и спонзорирана од општествено одговорни компании од нашата држава.
Изложбата ја отвори Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз, амбасадор на Кралството Шпанија. Во текстот за каталогот на изложбата амбасадорот напиша: „Нашата културна дипломатија се заснова на размена и дијалог, каде што промоцијата на нашите уметници е исто толку важна како и можноста за соработка која се движи во две насоки и за која оваа изложба е добар пример. Делото на нашиот брилијантен сликар Пикасо инспирира творештво од македонски уметник, кој на тој начин постигнува уметничко дело кое, во исто време, е македонско и шпанско. Накратко, отворено за светот, бидејќи Уметноста со голема буква не познава граници.“
Куратор на изложбата е проф. д-р Кирил Пенушлиски, кој во својот текст за изложбата „Пикасо, можеби јас 2“ истакнува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација, и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна.
– Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи нѐ на трајното влијание на визијата на Пикасо – истакнува Пенушлиски.

Скулпторот Филип Фидановски (Скопје, 1977) од 1995 година до денес реализирал 28 самостојни и над 50 жирирани и групни изложби. Учествувал на многу уметнички колонии и симпозиуми. Член е на повеќе професионални уметнички здруженија.
Професор е по предметот Дизајн на керамика и Технологија на керамика. Автор е на „Прирачник за изведување настава по ликовно образование“, како и на „Практични вежби и материјали за учење за ученици по ликовно образование за 3-то и 5-то одделение во основното образование“. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Учествува во организација на многу настани од областа на уметноста и културата, а на некои од нив е и автор. Живее и работи во Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 254, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.11.2024)