
Каскадерката што го тужи Кевин Костнер даде нова изјава: „Ова е расипан систем кој ги штити моќните!“
Каскадерката Девин ЛаБела, која го тужи актерот Кевин Костнер тврдејќи дека ја присилил да изведе непланирана и непишана сцена на силување на сетот на филмот „Хоризонт“ (Horizon), му возврати на актерот во нова изјава, неколку дена откако сподели нови детали за да ги поткрепи своите шокантни тврдења, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
ЛаБела првпат ја поднесе тужбата минатиот месец, наведувајќи дека била жртва на насилна, неочекувана и недоговорена сцена на силување што ја режирал самиот Костнер, додека таа била дублерка на актерката Ела Хант на снимањето во мај 2023 година. Во изменетата тужба поднесена на 18 јуни, ЛаБела приложила и скриншоти од пораки со координаторката за интимни сцени, како и детални описи на болните чувства што, како што тврди, ги доживеала по завршувањето на сцената.
Адвокатот на Костнер, Марти Сингер, остро ги негираше обвинувањата, велејќи дека ЛаБела измислува и тврдејќи дека во сцената немало ништо интимно или сексуално. Но, ЛаБела со својот правен тим повторно ги потврди обвинувањата.
„Она што ми се случи на сетот беше безобѕирно прекршување, повреда на мојата согласност и основната безбедност на работното место. Ми рекоа да легнам, а без предупредување или проба, врз мене беше донесен друг актер за да симулира сцена на силување. Ми беше изложен долниот веш. Потоа ме оставија сама, преплавена и во шок. Согласност под притисок не е согласност. Согласност не може да се даде откако штетата веќе е направена“, изјави ЛаБела.
„Кога ќе се премине границата, нема вистински избор. Веднаш проговорив. А за тоа ме дочекаа тишина, избегнување и обиди да бидам дискредитирана. Овој случај не се однесува само на тоа што ми се случи мене. Се работи за расипан систем кој ги штити моќните, а ги казнува оние што се осмелуваат да проговорат. Се работи за барање промена – не само за мене, туку за сите што заслужуваат да работат во безбедност и достоинство. Она што се случи на сетот беше погрешно. И нека се знае: јас станав. Ја кажав вистината. И никогаш нема да се извинам што барам нешто најосновно – да бидам третирана како човечко суштество на работното место“, додаде таа.
Нејзините адвокати, Џејмс Вагини и Кејт МекФарлејн, исто така дадоа изјави во кои ги поддржуваат наводите на ЛаБела.
„Ова сме го виделе безброј пати – мажи од индустријата се обидуваат да го свртат наративот наместо да преземат одговорност за своите постапки. Доказите приложени во изменетата тужба покажуваат дека госпоѓицата ЛаБела имала храброст веднаш да проговори за она што ѝ се случило. И денес ја има истата храброст во продолжението на својата борба“, рече МекФарлејн.
Во доказите приложени во изменетата тужба се наоѓа и преписка од пораки со координаторката за интимност, Селест Чени, еден ден по спорната сцена.
„Сакам да зборуваме за вчерашниот ужас кога и двете ќе имаме време“, напишала ЛаБела. Чени ѝ одговорила: „О, не, толку ми е жал, Девин. Ќе разговараме.“
Според тужбата, ЛаБела поставила повеќе од десет прашања за сцената:
- Зошто немаше координатор за интимни сцени?
- Зошто каскадерка требаше да снима сцена која не припаѓа во описот на нејзината работа, особено поради нејзината чувствителност?
- Зошто немаше претходна подготовка?
- Зошто сетот не беше затворен?
- Како поставувањето на сцената се претвори во сцена на силување?
- Зошто член од камера одделот ја режираше сцената?
- Кој ќе ја преземе одговорноста за злоупотребата на моќ и пропустите на сетот?
Во друга преписка, ЛаБела тврди дека разговарала за инцидентот со Чени и уште една членка на екипата – Маршел, и дека добила извинување.
„Ми рекоа дека вие сте разговарале и дека Кевин вчера долго зборувал со Ела и дека главно ја презел вината на себе, кажувајќи дека треба да е информиран за денешните стандарди и дека тоа нема да се повтори, и се извинил“, напишала ЛаБела. Чени ѝ одговорила: „Фала што ми кажа. Драго ми е што Џеф ти се извинил“.
Во тужбата е вклучен и извештај што го составила Чени. Во него се наведува дека неколку дена по инцидентот, неколку страни упатиле извинувања до Ела Хант и ЛаБела.
„Ела Хант побара координаторката за интимност да биде присутна следната недела како поддршка. Продукцијата прифати. Девин побара продукцијата да ѝ плати авионски билет за да замине дома тој викенд и да добие поддршка од семејството и пријателите. Продукцијата прифати“, стои во извештајот.
Адвокатот на Костнер, Сингер, ја негираше изменетата тужба и тврдеше: „Госпоѓицата ЛаБела учествуваше во проба за сцена која беше дел од сценариото. Немаше никаква интимност или сексуалност. Стануваше збор за повлекување на фустанот додека целосно беше облечена во долга облека и лежеше покрај машкиот актер“.
Тој додаде дека ЛаБела по последниот ден од снимањето испратила порака во која им се заблагодарува на надредените за „прекрасни недели“.
Кон крајот на мај беше објавено дека ЛаБела го тужи Костнер и продукциската компанија „Територи пикчрс“ поради настаните на сетот на вестерн-филмот вреден 100 милиони долари. Според тужбата, правилата на актерскиот синдикат не дозволуваат импровизирани барања за голотија или симулирани сексуални сцени во последен момент, а продуцентите се обврзани да најават какви било измени 48 часа однапред.
Актерите мора да дадат согласност за било какви измени поврзани со интимност, а договорот на Ела Хант барал присуство на координатор за секоја таква сцена. ЛаБела тврди дека првите неколку недели од снимањето поминале без проблем, сè до 2 мај 2023 година, кога се случила спорната сцена – импровизирана, според неа, по инструкции на Костнер, без предупредување.
Хант наводно одбила да ја изведе сцената, по што, без подготовка или согласност, ЛаБела била повикана да ја замени, без координатор за интимност. Таа тврди дека искуството било понижувачко и трауматично. Во тужбата стои дека ден пред инцидентот снимала сцена на силување што била однапред најавена, со проба, координација и затворен сет – како што налагаат стандардите.