Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Кандидатите за наградата „Сахаров“, меѓу кои и српски студенти, беа претставени во Европскиот парламент

Политичките групи во Европскиот парламент  денес ги претставија кандидатите за овогодишната награда „Сахаров“, која се доделува за слобода на мислата, а меѓу номинираните се и студенти од Србија, пренесува Н1.

Студентите беа номинирани за наградата „Сахаров“ од групата „Обнови ја Европа“, наведувајќи дека нивната борба ги одразува клучните принципи на Европската Унија и претставува „инспирација надвор од границите на Србија“.

„Српските студенти ги инспирираа младите, но и оние кои не се толку млади. Не чувствувам ништо друго освен восхит кон нив кои се борат за човечко достоинство и владеење на правото. Тие го инспирираат не само Западен Балкан, туку и цела Европа“, рече пратеникот Хелмут Брандштетер.

Тој нагласи дека српските студенти се храбри млади луѓе кои се спротивставуваат на тоталитарниот режим, ризикувајќи ја сопствената безбедност.

Брандштетер додаде дека се потребни млади луѓе од Србија кои ќе се борат за Европа и европските вредности, против оние кои се борат на страната на Кина или Русија и нивните интереси.

Пратеничката Ирена Јовева истакна дека студентската борба трае веќе 11 месеци, и покрај угнетувањето од режимот, кое го оцени како сè послично на она на Белорусија. Таа, исто така, потсети дека студентите се соочуваат со апсења и мора да штрајкуваат со глад.

„Со својата храброст, тие се борат за цела Европа. Не смееме да им дозволиме да ја изгубат надежта во европските вредности“, рече Јовева.

Осумтемина кандидати беа претставени на заедничка седница на Комитетот за надворешни работи, Комитетот за развој и Поткомитетот за човекови права.

Претседателот на Комитетот за надворешни работи, Дејвид Мекалистер, нагласи дека човековите права и слободата на изразување се фундаментални вредности што треба да се промовираат во сегашните глобални околности.

„Во време кога демократијата е под закана низ целиот свет, кога поради неа се губат животи, оваа награда има особено значење“, нагласи Мекалистер.

По претставувањето на кандидатите, надлежните комисии во Европскиот парламент ќе гласаат за листа од тројца кандидати на 16 октомври. Победникот ќе го избере Конференцијата на претседатели, која ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и лидерите на политичките групи, на крајот на октомври.

Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на декемвриската сесија на ЕП во Стразбур.

Меѓу кандидатите е и убиениот американски активист Чарли Кирк, кој беше номиниран од групата „Европа на суверени нации“, предводена од партијата Алтернатива за Германија.

Други групи во Европскиот парламент номинираа палестински новинари и хуманитарни работници, Парадата на гордоста во Будимпешта и дисиденти во Грузија и Алжир.

Наградата „Сахаров“ за слобода на мислата се доделува од 1988 година и е највисокото признание во Европа за работа за слобода на човековите права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот