
Канализацијата во Трнодол затната од корења на багреми, но и од пелени, крпи и ќебиња
Општина Карпош апелира до граѓаните да не фрлаат отпад во канализациските отвори што не е биоразградлив, бидејќи во спротивно ќе биде предизвикан истиот проблем со кој тие се соочувале досега.
На местото на канализациската цевка, за која жителите од населбата Трнодол се жалеле во Општина Карпош дека честопати се затнува и се прелеваат фекалии низ населбата до приклучувањето на главната мрежа на улицата Козле, поставена е нова во должина од 27 метри со поширок обем на цевки. Со тоа е решен проблемот на граѓаните, но пред локалната власт останува обврската да ја заштити оваа цевка од повторно уништување.
Препорачано
Цевката се спушта низ стрмен терен, помеѓу густо изникнати багреми чии корења во изминативе години ја пробиле цевката и навлегле во шахтите. Од тие причини се случувало и прелевањето од канализацијата, за што од друга страна свој придонес дале и граѓаните фрлајќи во неа разновидни предмети.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски објаснува дека канализацијата е направена пред 12-13 години, бидејќи решението што претходно го имале, било лошо.
Меѓутоа граѓаните се пожалија дека се затнува, дека се прелеваат фекалии и затоа решивме да извршиме реконструкција. Оваа реконструкција е навистина сложена затоа што сѐ треба да се работи рачно. Од багремите има многу корења, кои треба да се сечат. За жал, корењата ги имаат искршено цевките, влезени се дури и во шахтите и тоа огромни корења, а тоа укажува дека ние во континуитет, три метри лево и три метри десно багремите треба да ги исечеме ако не сакаме за десетина години повторно да ни биде упропастена оваа канализација – вели Јакимовски.
Друг проблем, според него, е неодговорноста на некои граѓани. Изведувачите на работите во канализацијата нашле предмети кои, како што вели Јакимовски, не им доликува на граѓани што живеат во една ваква урбана заедница како што е Трнодол и урбаната заедница Пецо Божиновски Кочо, да ги фрлаат во канализација.
Сметам дека сите треба да придонесеме инфраструктурата да функционира нормално затоа што сите вакви интервенции ги јадат буџетските средства на Општина Карпош, односно од граѓаните, и правиме непотребни трошоци како резултат на одредени неодговорни граѓани, па би рекол и наша неодговорност што овие багреми околу цевководот не биле претходно очистени за да тие корења не ја направат штетата особено во шахтите – рече Јакимовски, кој беше на увид на градежните активности.

Инаку, старите цевки биле обраснати со корења и затнати со различен отпаден материјал, кој граѓаните го фрлале низ канализацискиот отвор, како марамчиња, влошки, крпи, бебешки пелени, па дури и ќебиња и свински кожи, поради што дошло и до затнување на цевките и трите собирни шахти. Градоначалникот и Општина Карпош апелираат до граѓаните да не фрлаат отпад во канализациските отвори што не е биоразградлив, бидејќи во спротивно ќе биде предизвикан истиот проблем со кој тие се соочувале досега.
Неодамна сличен проблем поврзан со фекална канализација се појави и на улица Багдадска. Таму станувало збор за 40 години стара и дотраена фекална мрежа, која минувала под објект што не е во владение на локалната самоуправа, а оттаму инсталацијата се спушта на пониско ниво во дворот на граѓаните, каде што во последно време честопати доаѓало и до изливање на фекалиите.

По пријавата на проблемот од граѓаните, надлежните општински служби за комунални работи го санираа на постојниот дефект. За да се санира проблемот, претставниците од Секторот за уредување градежно земјиште и комунални работи од Општина Карпош во соработка со фирмата изведувач, направиле премостување на шахтата на граѓаните, со постојната функционална фекална канализација што се наоѓа во рамките на ООУ „Војдан Чернодрински“.
Притоа се договоривме во првата пригода кога ќе се создадат поволни временски услови, службите да ни обезбедат нов приклучок кон фекалната канализација. Сакам да ги пофалам сите што брзо, експедитивно и организирано работеа и ни овозможија да живееме малку порелаксирано и да се движиме низ нашиот двор – посведочи жителката од улица Багдадска.
Од Општината велат дека двете активности се реализирани со јавна набавка за брзи интервенции во фекалната канализација.