проф.д-р Огнен Марина/ фото: Слободен печат

Калвино, Рим и нашето ѓубре

Современиот живот во градовите бара свесни, договорени ритуали за да се справи со последиците од сопствената продукција, како материјалната (отпадот), така и симболичната (вишок на слики, зборови, навики).

Во срцето на вечниот град Рим, во Емпорио – античкото пристаниште на градот, а во непосредна близина на реката Тибар, се наоѓа ридот Монте Тестачо (Monte Testaccio). Кога минувате покрај него, тој е речиси незабележителен, обраснат со ниска медитеранска вегетација. Монте Тестачо или во слободен превод, „Ридот од скршенa грнчарија“, е вештачки рид во Рим составен речиси целосно од искршени римски амфори, главно користени за маслиново масло. Овој рид е создаден со систематско таложење на остатоците од римските амфори, најпрвин внимателно искршени, а потоа наталожени во форма на рид во периодот од повеќе од 200 години, односно од првиот до третиот век од нашата ера.

Проценето е дека содржи остатоци од приближно 53 милиони амфори. Монте Тестачо во античкиот Рим не бил дива или случајна депонија. Напротив, археологијата покажува строго организирана „инженерска“ депонија со прецизен систем на собирање отпад, обработка и безбедно складирање. Невидливоста на Монте Тестачо е доказ за ингенизоноста на римските жители, но и за умешноста на античките владетели со градот, речиси невидливо да го интегрираат еден од најголемите, а најмалку посакувани производи на урбаното живеење – градскиот отпад. Така, Монте Тестачо, воедно, е архив на римската економија и материјален запис за моќта на административниот поредок на Рим, а не само куп ѓубре.

Осмото прашање за идниот градоначалник на Скопје е: „Како ќе го намалите отпадот во градот и ќе се движите кон нула-отпад со минимално загадување?“.

Во 2023 година во Скопскиот Регион се собрани речиси 170 илјади тони комунален отпад, што претставува 27,3% од вкупниот отпад во државата. Од оваа количина, само 538,8 тони, или минимални 0,32%, бил селектиран или спакуван отпад. За градежен и индустриски отпад, официјалните државни податоци укажуваат дека во 2022 година индустријата генерирала 998.592 тони отпад, од кои 408.099 тони или повеќе од 40% е опасен отпад. Скопје, како најголем индустриски центар, логично, значително учествува во овие бројки. Регионалниот план за управување со отпад за град Скопје предвидува постепено зголемување на рециклирањето на отпадот од амбалажа, како и намалување на биоотпадот што завршува на депонија. Покрај комуналниот, градежниот и индустрискиот отпад, Скопје произведува и огромни количини отпадни води. Во отсуство на централна пречистителна станица, отпадните води од Скопје се испуштаат нетретирани во Вардар. Процените се дека околу 166.000 м³ на ден или вкупно 60,6 милиони м³ годишно се испуштаат нетретирани во Вардар.

Историјата на собирањето отпад во европските градови претставува премин од индивидуални, ад-хоκ решенија кон јавна, организирана служба. Во антички Рим постоел канализационен систем што се слевал во Клоака Максима и систем од улици со канали низ кои редовно се отстранувала улична нечистотија, а домашниот отпад најчесто се фрлал во јами или на периферија. Во средниот век, со пропаѓањето на античката урбана инфраструктура, ѓубрето често завршувало на улица.

Постојат записи за низа градски документи од градови како Париз или Венеција, за наредби за периодично чистење и собирање, дури и на човечки екскременти, кои понатаму биле користени и продавани како ѓубриво. Во текот на целата историја на европските градови, а во зависност од степенот на организираност на поединечните градови или држави, процесот на собирање на отпадот варирал во својата успешност. Запоставениот или лошо организиран систем на собирање отпад најчесто резултирал со епидемии на колера, тифус, чума или други ужасни болести на човештвото.

Во деветнаесеттиот век, во европските држави и градови, токму поради епидемиите на колера и дизентерија, се раѓа т.н. санитарна реформа. Во градовите се градат канализации, се воспоставуваат градски регулативи и се создаваат првите системски договори за собирање и одлагање на отпадот. Еден од најважните моменти во овој процес е парискиот декрет на префектот Ежен Пубел (1884), со кој во Париз се пропишуваат стандардизирани корпи, иронично наречени „poubelles“ според креаторот на оваа политика, а редовно изнесување на отпадот од домовите – La Poubelle agréée.

Европските градови денес го редизајнираат „метаболизмот“ на отпадот со воведување јасни, но и мерливи процеси и практики. Изградба на фабрики за согорување на отпадот и производство на топлинска и електрична енергија како резултат на тој процес е веќе стандард во голем број градови. Селектираниот биолошки отпад се собира одвоено од самиот почеток, уште од домаќинствата. Потоа, се вршат тестови за евентуална загаденост на биолошкиот отпад, со цел да се користи за стабилно компостирање или анаеробна дигестија. Паралелно, системите за селектирање пластика, стакло и метал обезбедуваат висок степен на реупотреба. Особено е интересен системот „плати колку што фрлаш“ („pay-as-you-throw“) што претставува модел што ја усогласува цената на комуналната услуга со создадената количина отпад. Колку помалку создаваш отпад што мора да се третира, толку помалку плаќаш. Истовремено, дигитализацијата со поставување и користење на IoT сензори на контејнери и оптимизација на рути на камионите за собирање отпад, ефикасно го намалува празниот од и ги следи перформансите на системот во реално време. Целта на овие политики и технологии е јасна – минимално депонирање отпад, пораст на рециклирањето и реупотреба на отпадните материјали во економски текови. Градовите како Милано, Љубљана и Парма покажуваат дека комбинацијата на селектирањето уште во домаќинствата, економските модели на стимулирање на тие што селектираат и прецизна логистика на управување и третирањето на отпадот, создава стабилен и успешен урбан систем за отпад.

Во Скопје се наметнуваат неколку потенцијални проекти што мора да се реализираат во блиска иднина доколку навистина сакаме достоинствен живот во град. Најпрвин, изградбата на пречистителна станица за отпадни води во село Трубарево. Без третман на отпадните води, квалитетот на водата и биодиверзитетот на реката Вардар ќе бидат неповратно загубени. Потоа, уредување и воведување нов модел за управување со депонијата Дрисла. Како исклучително важна, се укажува потребата за трајно третирање и уништување на отпадот, најверојатно со изградба на погон за согорување отпад. Како дел од истиот процес неопходна е изградба и довршување на сите регионални депонии во државата и приклучување на сите општини кон овој систем до 2030 година. Секако, повеќе од јасна е потребата и од дополнителни модели на стимулации и управување со отпад, како: воведување на „плати-како-фрлаш“ систем, паметни контејнери, QR-кеси и забрана за користење пластика за еднократна употреба во институции и настани, па сѐ до воведување нови иновативни проекти за рециклирање и реупотреба на градежен, индустриски и прехранбен отпад.

Важноста на оваа урбана практика на собирање на отпадот го инспирирала и Итало Калвино да го напише текстот „La Poubelle Agréée“ („Одобрена корпа за ѓубре“), кој е дел од збирката автобиографски есеи „Патот кон Сан Џовани“. Во него Калвино ја претвора баналната домашна рутина на изнесување ѓубре во филозофско-антрополошка студија за границата меѓу приватното и јавното, за чистото и нечистото, за општествениот договор и за тоа како се конструира нашето лично „јас“ преку тоа што го отфрламе. Насловот јасно алудира на парискиот административен поим „agréée“, нешто одобрено, пропишано, усогласено, со што ја внесува идејата дека дури и отпадот е општествено регулиран ритуал. Основната теза е дека актот на фрлање отпад не е технички детаљ, туку ритуал на премин од приватноста на домот (и остатоците на животот) во јавниот простор. Притоа, домашниот ред се потврдува токму преку симболичното исфрлање на вишокот, односно отпадот. Во текстот може да се препознаат неколку наративи што се особено важни за нас. Најпрвин, категориите чисто/нечисто не се природни категории, туку општествени класификации што ја чуваат границата помеѓу домот и градот. Второ, идентитетот се артикулира преку откажување или парафразирано „само со тоа што нешто ќе фрлам, потврдувам дека дел од мене треба да се задржи“. Конечно, поуката на Калвино е јасна – современиот живот во градовите бара свесни, договорени ритуали за да се справи со последиците од сопствената продукција, како материјалната (отпадот), така и симболичната (вишок на слики, зборови, навики). Да се изнесе ѓубрето значи да се признае заедничкиот градски поредок, да се преземе граѓанска одговорност и да се практикува една етика на селекција без која ниту домот, ниту градот, не можат да останат „чисти“. Токму во тој секојдневен гест, Калвино ја наоѓа современата мерка на достоинственото живеење во градот, каде низ праксата на прочистувањето и отфрлањето на вишокот, можеме да се навратиме на суштината на задоволството од живеењето во градовите.

(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот