
Калед Валис: Најнапред целиме на сите домашни трофеи, посакувам и добра сезона во ЛШ
Ракометарите на Еурофарм Пелистер се во својата нова база, во српскиот центар Златибор. Комплетни и силно мотивирани, под водство на новиот тренер Рубен Гарабаја, ракометарите на шампионот на Македонија напорно тренираат и едвај ги чекаат првите натпревари.
Препорачано
Еве ги првите импресии од новиот проект на новите засилувања:
– Ова е мој втор ден тука, вчера првпат тренирав со новите соиграчи. Сите ми даваат поддршка и верувам дека ќе се наметнеме и ќе освојуваме трофеи. Најнапред целиме на сите домашни трофеи, а потоа посакувам добра сезона во Лигата на шампионите – вели египетскиот пивот Ибрахим Калед Валис.
Ник Хенигман верува дека клубот ќе ја освои двојната круна:
– По една недела во Битола, вчера стигнавме на Златибор. Добро работиме и многу тренираме и продолжуваме со подготовките. Цел ни е уште подобро да се подготвиме, затоа што нè чекаат многу нови предизвици, нови натпревари. Верувам дека ќе го освоиме домашниот шампионат и Куп и што е можно подобро да одиграме во Лигата на шампионите. Уште еден месец, па ќе играме во Битола. Едвај чекам да играм пред нашите навивачи, пред луѓето кои секогаш нè поддржуваат, пред „Чкембарите“. Се гледаме наскоро! – се зборовите на словенечкиот бек Хенигман.
Рудолф Хекберт едвај чека да почне новата натпреварувачка сезона:
– Моите први импресии се многу позитивни. Сите соиграчи ме примија многу добро. Одлично се чувствувам, многу ми се допаѓа градот и клубот и едвај чекам да започне домашното првенство и Лигата на шампионите. Очекувањата се највисоки и желен сум за натпревари пред нашите навивачи – рече бразилското десно крило Хекберт.
РК Еурофарм Пелистер во новата сезона во ЛШ е во групата Б со Висла Плоцк, Барса, ПСЖ, ГОГ, Магдебург, Пик Сегед и Загреб.