
Калас го повикува Израел да ги запре плановите за изградба на населби на Западниот Брег
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денес нагласи дека одлуката на израелските власти да продолжат со изградба на населби во областа Е1 дополнително ќе го поткопа решението за две држави и ќе претставува кршење на меѓународното право, се вели во соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Доколку се спроведе, планот за населување во оваа област трајно ќе ја прекине географската и територијалната врска помеѓу окупираниот Источен Ерусалим и Западниот Брег, како и помеѓу северните и јужните делови на Западниот Брег“, рече Калас.
Таа го повтори својот апел до Израел веднаш да ја запре изградбата на населби, нагласувајќи дека политиките за населување, вклучувајќи уривање, присилно раселување, присилни иселувања и запленувања на домови, мора да престанат.
„Заедно со тековното насилство на доселениците и воените операции, овие еднострани одлуки ја поттикнуваат веќе напнатата ситуација на терен и дополнително ја поткопуваат секоја можност за мир“, рече таа.
Калас апелираше до Израел да се воздржи од понатамошно спроведување на одлуката, предупредувајќи за нејзините далекусежни последици и нагласувајќи ја потребата да се преземат чекори за зачувување на одржливоста на решението за две држави.
Плановите за одобрување на тендери за изградба на над 3.400 станбени единици во контроверзниот проект за населба Е1 помеѓу Ерусалим и Маале Адумим на Западниот Брег, објавени денес од израелскиот министер за финансии Безалел Смотрих, предизвикаа широка осуда денеска, објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно, крајно десничарскиот израелски министер за финансии Безалел Смотрих објави планови за одобрување на тендери за изградба на повеќе од 3.400 станбени единици во контроверзниот проект за населба Е1 помеѓу Ерусалим и Маале Адумим на Западниот Брег. Тој, исто така, рече дека планот ќе ја „закопа идејата за палестинска држава“.
Проектот е замрзнат со децении поради жестокото противење од меѓународната заедница, која се плаши дека новата населба ќе го блокира одржливото решение за создавање палестинска држава.
Потенцијалната изградба на населбата во таканаречената област Е1 би го поделила Западниот Брег на северен и јужен регион и би го спречила развојот на палестинска метропола што ќе го поврзува Источен Ерусалим со Витлеем и Рамала, за која Палестинците долго време се надеваа дека ќе биде основа на нивната идна држава.
Сепак, како што изјави органот за надзор на населбите „Мир сега“, одобрените планови не се однесуваат на оригиналната област Е1, туку на посебна населба во градот Маале Адумим.
„3.300-те станбени единици во Маале Адумим претставуваат зголемување од 33 проценти во вкупниот број на единици во населбата, што е огромно проширување за населба чие население стагнира на околу 38.000 во текот на изминатата деценија и претрпе иселувања“, соопшти организацијата.