Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Каква здравствена нега добиваат притворениците во „Шутка“?

По смртта на притвореникот Мирсад Пушка, обвинет во случајот „Синдром“, се отвори прашањето како функционира здравствената нега во затворот „Скопје“, кои се реалните права и можности на притворениците и дали системот им обезбедува навремена медицинска помош.

Во затворот „Скопје“, познат како „Шутка“, функционира амбуланта во која работат двајца лекари, еден стоматолог и две до три медицински сестри, потврдија за „Слободен печат“ од Здравствениот дом Скопје.

Оттаму тврдат дека за потешки заболувања и за критични состојби постапката е поинаква – потребна е дозвола од судот за да биде пациентот префрлен во болничка установа надвор од затворот.

Хоспитализација на притвореници – судска одлука или итна интервенција?

Правилникот за куќен ред за извршување на мерката притвор предвидува јасни процедури за здравствената заштита на притворените лица, но остава и простор за дилеми околу тоа како се применуваат тие во пракса.

Според член 23 од Правилникот, ако здравствената состојба на притвореникот бара болничко лекување, тој се упатува во најблиската болница само по одобрение од надлежниот суд. Тоа значи дека судот има клучна улога при секоја посериозна медицинска интервенција. Истиот член предвидува и исклучок: во итни ситуации, кога е загрозен животот или здравјето на притвореникот, хоспитализацијата може да се изврши и без судско одобрение, но со обврска судот веднаш писмено да биде известен:

„Во случај на нарушена здравствена состојба на притворено лице му се дава лекарска помош во затворската амбуланта или во друга погодна просторија.

Притвореното лице може само да се јави на лекарски преглед. Прегледот се евидентира во соодветна документација во притворското одделение на затворот. Кога постои потреба од болничко лекување, притвореното лице се упатува во најблиската болница по одобрение на надлежниот суд. Во итни случаи, притвореното лице се хоспитализира и без одобрение на надлежниот суд. За извршената хоспитализација веднаш по писмен пат се известува надлежниот суд“, се наведува во Правилникот.

Според Правилникот, притворените лица имаат право да бидат прегледани и од лекар по сопствен избор, но само со судско одобрение и на сопствен трошок. Притоа, задолжително претходно се прави преглед кај затворскиот лекар, кој присуствува и на сите дополнителни прегледи.

Што се случува доколку притвореникот е повреден?

Доколку се констатираат повреди кај притвореникот – било од средства за присила, било од физичко или психичко насилство – затворскиот лекар е должен да состави деталeн записник и веднаш да го извести директорот на затворот. Директорот, пак, има обврска по писмен пат веднаш да го информира јавниот обвинител.

Според Правилникот, дозволено е притворениците да набавуваат лекови на сопствен трошок, преку своето семејство или преку овластени лица, но секој лек мора да биде прегледан и одобрен од затворскиот лекар пред да му биде предаден на затвореникот.

Ова прашање се актуализираше по смртта на притвореник во затворот, што ја отвори дилемата дали има доволно медицински персонал кој може веднаш да реагира во итни ситуации и какви се протоколите за тешко заболени затвореници.

Минатата недела во „Шутка“ почина 49-годишниот притвореник Мирсад Пушка, обвинет во случајот „Синдром“. Неговиот адвокат и роднини изјавија дека тој боледувал од сериозни болести, меѓу кои и канцер, и дека со месеци барале подобра здравствена грижа, но безуспешно.

Тие тврдат дека притвореникот не бил соодветно прегледуван и дека и покрај наредбите од судот, не бил префрлен на болничко лекување. Од затворот, пак, информираа дека постапиле согласно можностите и протоколите.

Случајот предизвика остри реакции во јавноста и прашања дали државата има јасна стратегија и капацитет за грижа на тешко болните лица во казнено-поправните установи.

Семејството на починатиот притвореник тврди дека немал соодветна грижа во „Шутка“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!