Фотографија и графика: ССМ

Каков е тој просек од 45.468 денари кога 73,3 отсто земаат помала плата?

Она што е уште позагрижувачки е дека една третина од вработените земаат плата под 500 евра, алармира Сојузот на синдикати

По објавувањето на просечната нето-плата за јуни од 45.468 денари, социјалните мрежи се преплавени со негодувања дека тој просек е далеку од реалната слика. Најчестото префрлање е на сметка на министри и функционери кои со зголемувањето од 78 отсто на почетокот од 2024 година достигнаа и до плата од 2.000 евра, наспроти оние кои земаат минимална плата од 24.379 денари.

Од Сојузот на синдикати излегоа со прецизни податоци. Оттаму велат дека 73,3 отсто од вработените земаат плата под минималната.

– Во Македонија во мај се евидентирани 509.960 работници со пресметана и уплатена нето-плата од кои 374.045 работници или 73,3 проценти примиле плата под просечната, а 135.915 работници или 26,7 проценти примиле плата над просечната – велат од ССМ.

Но, она што е уште позагрижувачки е дека една третина од вработените земаат плата под 500 евра.

– Фрапантни една третина, или 33,1 процент од работниците примаат плата под 500 евра. Со одбивањето да се зголеми минималната плата, од страна на Владата, газдите и парламентот, се прави директна штета на 169.082 работници и нивните семејства кои ниту со две плати не можат да си дозволат да ги обезбедат најосновните услови за живот за своите семејства согласно вредноста на Синдикалната минимална кошница, што е загрижувачки – велат од ССМ.

Дали медијалната плата ќе ја даде реалната слика?

Во бројните реакции на социјалните мрежи се споменува и потребата од пресметка на медеијална плата за да се има пореална слика за тоа какви се платите во државата. Тоа е плататa што e токму на средината во низaта на сите плати подредени од најниската до највисоката. Или, ако се исплатени плати за 509.960 осигуреници, медијалната плата ќе биде платата на оној осигуреник кој е на местото 254.980 во низата од најмала до најголема плата. Така, 50 отсто од осигуреницте ќе имаат помала плата од таа, а 50 отсто поголема.

На крајот од минатата година директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков во изјава за „Слободен печат“ најави дека ќе се разгледаат можностите заедно со Евростат за да добие експертска помош за пресметка на македонската медијална плата.

– За да почне да се пресметува средна, или медијална плата, ќе претходи и потпишување Меморандум за соработка меѓу ДЗС и Управата за јавни приходи – изјави Станков во декември 2024 година, но и во годинешниот јунски извештај за плати изготвен до Државниот завод за статистика наведена е само просечната плата.

Според поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, најмал проблем е да се пресмета медијалната плата, но таа нема да ја даде реалната состојба со платите.

– Пореален показател е просечната плата, таа вистински го одразува просекот. Медијалната плата повеќе ќе покаже каква е дистрибуцијата на платите. Ако пониските плати се во поголем дел до таа медијана, тогаш медијалната плата ќе биде пониска од просечната плата, што е најчесто случај. Обратно, ако има повеќе работници со повисоки плати, тогаш медијалната би била повисока од просечната. Но бидејќи обично, насекаде во светот, поголем е бројот на оние со пониски отколку на оние со повисоки примања, и медијалната плата е пониска од просечната – изјави Симовски.

Имаме најмал просек од сите бивши ЈУ-земји

Сепак, ако се разгледаат податоците на статистичките агенции во опкружување, може да се види дека таму се пресметува медијалната плата. На пример, Државниот завод за статистика на Србија известил дека месечната нето-заработка во мај (последен податок) била 107.705 динари, додека медијалната плата изнесувала 84.408 динари. Во Хрватска, просечната нето-плата во јуни била 1.444 евра, а медијалната изнесувала 1.233 евра.

Податоците од статистичките заводи во земјите од поранешна Југославија откриваат дека и понатаму остануваме земја со најниска просечна месечна-плата. Така, изразено во евра, нашиот нето-просек е 739 евра, на Босна и Херцеговина – 903, на Србија – 919, на Црна Гора -1.010, на Хрватска – 1.440, а на Словенија – 1.610 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот