
Како тргнало, преспанските јаболка ќе ги има само во песните – априлскиот мраз го сотре речиси целиот род на овоштарите
На јавниот повик на Општина Ресен за штета врз земјоделските насади поднесени се околу 2.400 барања, од вкупно 2.600 земјоделски стопанства. Димензиите на оваа земјоделска трагедија се уште поголеми ако се знае дека 60 отсто од целиот овошен род во Македонија го сочинуваат јаболката
Речиси целиот род на преспанските јаболка е сотрен од пролетниот априлски мраз, а на јавниот повик на Општина Ресен за штета врз земјоделските насади поднесени се околу 2.400 барања, од вкупно 2.600 земјоделски стопанства. Практично сите активни земјоделци пријавиле штета, велат од Општина Ресен за „Слободен печат“. Димензиите на оваа земјоделска трагедија се уште поголеми ако се знае дека 60 отсто од целиот овошен род во Македонија го сочинуваат јаболката. Пролетните мразеви повеќе од 100 часа ги држеа замрзнати овошките во Преспанско и оваа година не само што нема да има приходи за овоштарите, туку и ќе мора да се увезуваат јаболка што секако ќе влијае врз нивната цена. Во моментов на пазарот има српски јаболка и нивната цена се движи од 70 до 100 денари за килограм.
Препорачано
– Во нашиот регион има околу 5.000 хектари под овошни насади. А во најдобрите сезони реколтата е од 120 до 150 илјади тони јаболка. Ова е огромна загуба и за Преспа, но и за државата, бидејќи годинава ќе изостане приходот од извоз – велат од Општина Ресен.
Оттаму додаваат дека прво се собираат барањата на земјоделците, а потоа специјално формирана комисија ќе треба да излезе и на терен да ја процени штетата. Потоа од Министерството за земјоделство ќе се чека на обесштетување, за кое сите се надеваат дека ќе оди побрзо за да можат да се продолжи со третирање и заштита на овошките за наредната година.
– Од 2016 се бориме со климатските промени и како за бела напролет се случуваат вакви мразеви, кои годинава ги сотреа и праските во Росоман, но и кајсиите и бадемите што рано цветаат. Нема помош за ваквата временска непогода иако некои земјоделци се обидоа самите да предизвикаат замрзнување, ги прскаа дрвјата со вода, но и тоа немаше никакво фајде – додаваат преспанските експерти.
Инаку, од целиот род на јаболка во Преспанско, 80 отсто се од сортата ајдаред, а остатокот се златен делишес, муцо, јона голд и други. Јаболката се едни од најзастапените овошки што ги консумираат Македонците и според статистичките податоци во 2023 година едно семејство купило и изело дури 33,3 килограми јаболка.
На крајот од минатата година, министерот за земјоделство Цветан Трипуноски најави дека мерката на претходната Влада за помош на овоштарството со која во градинките и училиштата на децата им се даваат јаболка, ќе биде сериозно модифицирана за да се постигнел посакуваниот ефект.
– Поента на мерката е секој ученик, секое дете во градинките да добие здрав, квалитетен, а пред сè органски производ – рече министерот. Според него, за спроведувањето на оваа мерки биле потрошени над 40 милиони денари. Во 2022 година беше воведена мерката „Здрава ужина за секој ученик“, со која повеќе од 180 илјади ученици во 350 училишта во земјава за ужина добиваа домашни јаболка. На тој начин државата им помагаше на домашните производители на јаболка, а на децата им се обезбедуваше здрава и свежа ужина.
Во 2023 година, Македонија увезла 2 милиона долари јаболка (свежи), станувајќи 131. најголем увозник на свежи јаболка (од 220 земји) во светот. Во текот на истата година, јаболката (свежи) беа 752-риот најувезен производ (од 4.070) во земјава, покажуваат податоците на ОЕЦ. Во 2023 година, Македонија увезувала јаболка (свежи) првенствено од: Србија, Грција, Албанија, Молдавија и Италија. Истата година Македонија извезла 15,5 милиони долари јаболка (свежи), со што станала 32 најголем извозник на свежи јаболка (од вкупно 149) во светот.