
Како Трамп заработува пари од Белата куќа
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп инвестираше огромни суми пари во различни сектори од почетокот на својот втор мандат, пишува Дојче Веле, додавајќи дека критичарите го обвинуваат дека ја користи својата позиција сосема отворено за да го зголеми своето лично богатство.
Препорачано
По неговиот повторен избор на функцијата претседател на Соединетите Американски Држави, Трамп постојано се соочува со обвинувања дека црпи лична корист од претседателската позиција, а се додава дека тој и неговото семејство неодамна склучиле бројни зделки – од недвижности и криптовалути, до обврзници и акции.
Во САД, претседателите, потпретседателите и другите високи функционери, во согласност со Законот за владина етика од 1978 година, донесен по скандалот Вотергејт, се должни јавно да ги објавуваат своите финансии секоја година, а извештаите се доставуваат до Канцеларијата за владина етика (OGE) и се достапни за јавноста.
Според тековните документи на OGE, од 21 јануари 2025 година, Трамп направил повеќе од 600 финансиски трансакции и инвестирал над 100 милиони долари во корпоративни, комунални и државни обврзници, а меѓу компаниите чии обврзници ги купил се Citigroup, Morgan Stanley, Meta, T-Mobile US, Home Depot и UnitedHealth.
На овој начин, републиканскиот претседател има акции во сектори кои би можеле да профитираат од политичките одлуки на неговата администрација, како што е, на пример, дерегулацијата на финансискиот пазар.
Како што е наведено, критичарите во ова гледаат потенцијален конфликт на интереси.

Што се однесува до акциите, нема јавна евиденција за купувања или продажби од почетокот на неговиот втор мандат, но сепак според најновиот извештај на крајот на 2024 година, Трамп имал значителни удели во Microsoft, Blackstone и неговата сопствена компанија, Trump Media and Technologies Group.
Тој исто така поседувал акции на технолошки и големи компании како што се Amazon, Alphabet, Meta, Tesla, Berkshire Hedway, PepsiCo, JP Morgan Chase, Coca-Cola и Pfizer.
Најголемите индивидуални позиции беа во Nvidia – помеѓу 615.000 и 1,3 милиони долари и во Apple – помеѓу 650.000 и 1,35 милиони долари. Двете компании се директно зависни од неговите политички одлуки.
Трамп прво целосно ѝ забрани на Nvidia да продава чипови на Кина, но неодамна ја олесни таа одлука, а во замена, Nvidia мора да отстапи 15 проценти од своите приходи од Кина на владата на САД – што експертите сметаат дека е без преседан во историјата на САД.
На почетокот на август, Трамп објави царини до 100 проценти за увезени компјутерски чипови и полупроводници, а Apple, сепак, нема да биде засегнат бидејќи, според Трамп, извршниот директор Тим Кук ветил дополнителни инвестиции во САД во вредност од 100 милијарди долари.
По веста, цената на акциите на Apple порасна за повеќе од четири проценти.
Тешко е да се одвојат инвестициите на Трамп во недвижности од неговите државни патувања, а неговото прво големо патување во странство го однесе во Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати – токму земјите каде што неговото семејство истовремено лансира нови проекти или ги проширува постојните.
Во мај започнаа работите на Трамп Тауер во Џеда, луксузен станбен комплекс со 47 ката на Црвеното Море. Семејството Трамп, исто така, најави изградба на луксузен голф терен во Катар „во стилот на Трамп“, како дел од проект вреден 5,5 милијарди долари, како и „Трамп Интернешнл Хотел и Кула“ во Дубаи – облакодер со 80 ката и највисок отворен базен во светот.

EPA-EFE/WILL OLIVER
Криптовалутите се повеќе се натпреваруваат со традиционалниот бизнис со недвижности во портфолиото на Трамп, а американското списание Форбс во јуни процени дека само во претходните девет месеци, тој заработил околу една милијарда долари од инвестиции во Трамп-Мим-Коин и удел во компанијата Ворлд Либерти Фајненшл.
Во јули, неговата холдинг компанија Трамп Медиа енд Технолоџис објави дека инвестира две милијарди долари во биткоин и други криптовалути, и соодветно на тоа, Трамп сака да се претстави како „крипто-претседател“ и силно се залага за дерегулација на тој сектор.
Новинарот Дејвид Киркпатрик во статија за „Њујоркер“ пресметал дека Трамп, неговите деца и нивните сопружници заработиле повеќе од 3,4 милијарди долари од почетокот на неговиот прв претседателски мандат, а повеќето од овие зделки и трансакции, како што пишува тој, речиси сигурно не би се случиле доколку Трамп останел само бизнисмен.
Она што е особено контроверзно за критичарите е тоа што Трамп, за разлика од неговите претходници, не го префрлил своето богатство во таканаречениот „Слеп фонд“ (Blind Trust) на почетокот на вториот мандат – неговите средства ги управуваат неговите деца, првенствено Доналд Трамп помладиот, и како што објавува DW, јасна граница помеѓу приватниот бизнис и јавната функција во овој случај практично не постои.
Таканаречениот „Квалификуван слеп фонд“ предвиден со Законот за етика од 1978 година значи дека сопственикот нема контрола, знаење или влијание врз управувањето со средствата, туку само квартални извештаи за вредност, без детали за трансакциите.

Од друга страна, Трамп и неговото семејство ги отфрлаат обвинувањата дека заработуваат пари од политиката, па затоа неговиот син Ерик во јуни за „Фајненшл тајмс“ изјави дека „Ако постои семејство кое не профитирало од политиката, тоа е семејството Трамп“.
Според проценките на списанието „Форбс“, Трамп моментално има богатство од 5,5 милијарди долари, што, како што се вели, значи дека е побогат од кога било досега.